Новиот закон за Родова еднаквост, кој периодов е на јавна расправа беше тема и во денешното издание на Стадион на Канал 77
Своите ставови во врска со законот ги кажаа Гордана Гаџо од Коалицијата за заштита на децата и Марија Савовска од Акција здруженска.
Според Гордана Гаџо, нема воопшто потреба од донесување на еден нов закон кој се нарекува Закон за родова еднаквост.
„Постоечкиот закон , Закон за еднакви права на мажите и жените е добар закон, можни се можеби некои корекции внатре. Тој термин за еднакви можности можеме да го видиме и во законот за спречување и заштита од дискриминација. Во новиот закон доминира поимот„род“, поимот „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ а и различна е дефиницијата за тоа што е пол а што род.,“ вели Гоџа
Таа под „род“ подразбира мајка,татко ,тетка а не она што како дефиниција е поместено во новиот закон за Родова еднаквост, каде што родов идентитет се однесува на индивидуалното доживување на сопствениот род, што секое лице длабоко го чувствува за себе, што може а и не мора да соодветствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго. Во некои објаснувања се споменува и сексуалната ориентација.
Од Коалицијата за заштита на децата, реагираат и на можноста која што се дава во новиот закон , само со изјава на нотар, без психијатриски преглед, некој да го смени својот пол во матичната евиденција, само поради тоа што се чувствувал, како маж или жена.
Во врска со сексуалното образование во училиштата, од Коалицијата се против сексуално образование по теркот на ХЕРА.
„Може сексуално образование но според возраста. Сексуалното образование и веронауката да бидат изборни ,“ додава Гоџа.
Спротивно од Гаџо, Марија Савовска од Акција Здруженска смета дека е потребно донесувањето на еден ваков закон, Закон за родова еднаквост. Тоа треба да биде еден чадор закон, а со поединечни закони да се регулираат поединечни прашања коишто ги засегаат правата на жените и родовата еднаквост.
„Овој закон зборува за мажи, жени и лица со различен родов идентитет кои се тука и за кои државата треба да скрои политика која не ги исклучува и не ги дискриминира и ги прилагодува на начин соодветен и за тие лица. Овој закон овозможува внимание и прилагоден пристап и за овие категории граѓани. Тие постојат и не може да се избришат со гума. Не смее да им се оспори правото на постоење или да не им се обезбедуват услови, “ кажа Савовска во денешното издание на Стадион.
Според неа сексуалното образование во образованието не треба да биде стигма.
„Образовниот систем мора да развие програма за сексуална едукација којашто ќе овозможи децата да станат свесни за половите разлики, биолошките разлики, за сексуалноста, затоа што тоа е дел од секојдневието и се случува,“ додава Савовска.
Во врска со овие и многу други прашања поврзани со Законот за родова еднаквост, слушнете ги ставовите на нашите гостинки во видеото во продолжение.