Македонските државјани остануваат први на листата на странски државјани кои добиле бугарски пасоши во текот на 2022 година. Дневно по шест Македонци станувале бугарски државјани, односно вкупно во 2022 година 1992 наши сограѓани станале Бугари по државјанство.
Ова се податоците кои ги објави бугарскиот весник Сега, врз основа на извештајот доставен до претседателот на Бугарија, Румен Радев, што годишно му го доставува Комисијата за државјанства.
Но, оваа бројка на Македонци кои добиле бугарско државјанство е далеку помала во однос на 2021 и 2020 година, кога соодветно, 7.696 и 9.098 Македонци, добиле бугарски пасош.
Во 2021 година – секој ден по 21 Македонец добивал бугарски пасош, додека во 2020 година по 25 дневно.
Следни странски државјани кои добиле бугарско државјанство се Украинците (1.639), Турците (1.290), Србите (556) и Албанците (517) и Молдавците (476).
Бугарскиот медиум реагира дека и покрај санкциите од страна на ЕУ кон Русија и Бугарија како земја членка, на руски државјани им се давале бугарски пасоши и тоа еден Русин добивал бугарски пасош дневно, вкупно 356 во 2022 година. Меѓу странските државјани кои добиле бугарско државјанство има и Белоруси. Весникот заклучува дека трендот не е променет од руската инвазија на Украина и Русите и натаму без проблем добиваат бугарско државјанство, а со тоа и влез во ЕУ.