Кинески научник тврди дека е можно вирусот КОВИД-19 да потекнува од луѓето, јавува Анадолу.
Канцеларијата за информирање при Државниот совет на Кина во саботата одржа прес-конференција во Пекинг на која е разговарано за најновите наоди за следење на потеклото на коронавирусот.
Генетските секвенции на вирусните примероци земени од пазарот за морски плодови Хуанан во Вухан, за кој се сметаше дека е „нулта точка“ на пандемијата, беа „речиси идентични“ со оние кај пациентите заразени со коронавирус, што сугерира дека е можно КОВИД-19 да потекнува од луѓето.
Истражувачите анализирале над 1.300 примероци на ДНК собрани од животни и околината на пазарот. Коронавирусот го немало во ниту еден од 457 испитани животински примероци, што ја исклучува можноста за пренос од животни.
„Овие наоди укажуваат дека во случаите на пазарот, вирусот се пренесувал од други луѓе, а не од продадените животни“, рече Тонг Јиганг од Универзитетот за хемиска технологија во Пекинг.
Сè уште нема доволно докази што би ги поддржале неодамнешните студии што сугерираат дека ракунските кучиња се извор на коронавирусот, додаде тој.
Професорот истакна дека, исто така, нема податоци за можноста вирусот да е создаден во лабораторија.
Првите случаи на КОВИД-19 беа пријавени во Вухан, Централна Кина, во декември 2019 година, а подоцна се прошири низ целиот свет.
Прогласена е глобална пандемија што однесе милиони животи.
извор: Анадолу агенција