Пет помали потреси, од кои рано изутрината во 06:25 часот и уште еден помал потрес во 10:10 часот се почувствувани во штипскиот регион. Очигледно, тлото во Штип не мирува и по првиот земјотрес од 30 март со интензитет од 2.5 степени според Рихтер, имаше уште неколку помали потреси, како овие денешните.
Телеметриската сеизмолошка мрежа раководена од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопштува дека изутрината (11.4.2023 година) рeгистрираше пет исклучително слаби, минорни земјотреси со Рихтерова магнитуда не поголема од 2.0, а нивните епицентри потекнуваат од епицентралното подрачје Св.Николе-Штип.
-Најсилниот од нив беше во 6 часот и 25 минути и беше почувствуван во Штип и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, а според досегашните податоци овие земјотреси предизвикаа само мала вознемиреност кај населението, соопштија од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Интересно е дека вториот земјотрес во 10:10 часот се случи речиси во исто време кога почна вежбата во центарот на Штип, кога граѓаните со љубопитство го следеа поминувањето на возилата на Итната помош, пожарникарите и полицијата. Вежбата се изведува во ООУ „Ванчо Прке“ и е за одговор во случај на земјотрес.