Од увид во договорот на Владата со компанијата Бехтел и Енка, кој се’ уште не е јавен, потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски изјави дека се брза со законските измени поради преземените обврски.
-Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на Бехтел 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1.265.000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец, изјави Николовски.
Во денешното соопштение, ВМРО ДПМНЕ додава дека вкупниот износ на пеналите кои „Ковачевски и Груби ги прифатиле е околу 200 милиони евра дополнителни средства за изградбата на коридорите само заради една неспроведена законска измена“.
Со законските измени, кои сега се пред комисиска расправа, прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот. Доколку се усвојат измените на Законот за работни односи, практично нема да има граница колку часа може да се работи неделно.
Бурни се реакциите во јавноста, почнувајќи од антикорупционерите до обичните граѓани.
Миша Поповиќ од Институт за демократија, за емисијата „360 степени“ вели дека кога сето ова се води по скратена постапка ние не знаме, не можеме да процениме кои се штетите, до каде ќе одат штетите, до каде би оделе и придобивките, бидејќи никој не е против изградба на коридорите
-Меѓутоа зборуваме за ситуација во којашто креирањето на политики врз база на податоци во една јасна процедура овозможува да ние сите можеме да ги видиме и да ги процениме штетите. Вака, ние не знаеме, освен што очигледно, дека измените идат во корист на помала контрола, помал надзор, а со тоа оди и преферирањето на приватниот интерес на страните вклучени во целиот проект… Ако треба да бидат брзи постапките тие можат да бидат забрзани, но не можат да се менуваат. Ние гледаме во предложените закони промена на начин како се штитат правата и тоа едноставно, сметам дека не е оправдано“, изјави Поповиќ.
Во реакциите на социјалните мрежи има и ваква проценка:
„Од 2017 – 2021 година, 75,5 милиони евра им исплативме на странците во ТИРЗ зоните, дел директна помош, а дел преку даночни и царински ослободувања. Оваа помош била доволна за исплата на минималец на 5.000 работници за 5 години“.
Премиерот Димитар Ковачевски во неколку прилики објаснување дека „се’ е според законите“.
-Се’ што е достапна документација е веќе пријавено во надлежните институции. Антикорупциската комисија ќе ги добие сите одлуки кои се направени од страна на Владата во минатото за овој проект и врз основа на тоа ќе може да одлучува, а на располагање ќе ги има сите други документи, изјави Ковачевски (28.03.2023).
Обвинителството и Антикорупциска отворија истраги за предметот.