Германија за здравство во 2020 година потрошила 5.699 евра по жител од државниот буџет, додека Македонија според податоците од 2019 година, само 244 евра. Податоците на Фајнанс тинк покажаа дека на здравствена заштита и социјални бенефити, Македонија во 2019 година потрошила вкупно 507 милиони евра. Тоа е 4,5 проценти од БДП или по 244 евра по глава на жител, што е половина од под просекот од европскиот просек од 9,9 проценти од БДП.
Од друга страна, секој наш граѓанин во 2018 година на здравствена заштита од свој џеб потрошил околу 65 евра, од кои 24 евра за лекови и за помагала, а 36 евра на здравствени услуги надвор од болниците.
Далеку повеќе од свој џеб платија граѓаните во текот на пандемијата до Ковид 19. Само за Ковид тестови, како што објави Државниот завод за ревизија, граѓаните платија близу 20 милиони евра.
Ако нашата држава во здравјето на еден граѓанин вложува 244 евра годишно, за илустрација колку развиените држави вложуваат по здравјето на граѓаните, Данска троши 5.260 евра по глава на жител, Луксембург – 5 220 евра и Шведска – 5 040 евра по жител.
Македонското здравство „боледува“ од неефикасни и нискоквалитетни услуги поради вишок на капацитети, лоша организација, слаба регулатива, слаби механизми за спроведување на законот, недостиг на раководни вештини, немање стимулации. Граѓаните пак, покрај тоа што имаат втори најниски плати во Европа, се оптоварени со високите приватни трошоци за здравството, како неформалните плаќања кон лекарите, така и плаќања за услугите, лековите и медицинските средства, кои не се покриени со задолжителното здравствено осигурување.
Ова е „дијагнозата на македонското здравство и ние во него што ја постави Маја Парнаџиева – Змејкова, поранешната директорка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Во анализата Парнаџиева – Змејкова пишува дека Македонија има за 2.5 пати повисока смртност од земјите на ЕУ, додека алармантно висок е процентот кој осигурениците го плаќаат од својот џеб за добивање на здравствени услуги (41%) за сметка на финансирање на услугата од страна на здравственото осигурување (60%), во споредба со сите анализирани земји и ЕУ просекот.
-Приватните трошоци се јавуваат поради постојни пречки да се добијат здравствени услуги во фондовскиот систем (долги листи на чекање за одредена дијагностика и специјалности), заминување на голем дел од искусните доктори во приватно здравство, непостоење на контрола на квалитетот на услугите. Ковид-19 пандемијата дополнително предизвика зголемување на овие трошоци (приватни тестирања и лекувања), забележува анализата.
Понатаму, во документот се вели дека според методологијата на Светската здравствена организација толерантно ниво на приватни плаќања како процент од вкупните здравствени расходи се движи меѓу 15% и 30%. Сите приватни плаќања над 30% се нарекуваат т.н. опасна зона, бидејќи голем е ризикот од осиромашување на граѓаните.
На Светскиот ден на здравјето, апстрахирајќи ги акутните и хронични проблеми со одливот на кадар, немањето термин за посета на лекар, листата на лекови од 2012 година и ред други потсетуваме на Уставот, кој го гарантира правото на здравствена заштита, како неприкосновено.
Тука спаѓаат правото на здравје и заложбата за универзален, солидарен и рамноправен пристап во организирањето и финансирањето на здравствениот систем, како и стремежот кон највисоко остварливо ниво на здравје без разлика на етничката припадност, полот, возраста, општествениот статус, или способноста за плаќање.
(В.К.)