Плати 100 евра, добиј адреса за кандидирање за бугарско државјанство. Ова е најновата цена што e четири пати повисока во однос на годините наназад кога се плаќаше по 20-25 евра за адреса.
Со вакви податоци излезе Бугарското национално радио (БНР), кое пишува дека само на една адреса во Ќустендил има регистрирано 500 луѓе, кои наводно живеат таму.
Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот
„Сега тарифата скокнала до 100 евра заради малата понуда на адреси – едноставно капацитетот на градот се исцрпил. Со двојно државјанство, регистрирани во Општината се околу 15.000 лица, околу 15 отсто од вклучените во избирачките списоци за претстојното гласање на 2-ри април. Прави впечаток тоа, што во последните месеци, откако односите со Северна Македонија се влошија, а во соседната земја антибугарските расположенија ескалираат, бројот на баратели за бугарско државјанство е намален”, објави БНР.
Сепак, оваа адреса не е најбараната. Рекордот го држи реонот „Средец“ во Софија. Избирачкиот список во 2021 година покажа дека најголемиот број запишани гласачи Македонци со бугарски државјанство биле заведени на една иста адреса – улицата „Леге“ бр. 6. Воедно тоа е и адресата на која се наоѓа управата на реонот „Средец“.
По скандалот со тргување со бугарски државјанства, бугарското Народно собрание формираше Анкетна комисија. Беа предложени и законски измени, со кои и’ се забранува на Државната агенција да издава такви потврди. Законските измени предвидуваат и формирање на нов Консултативен совет, кој ќе се занимава со разгледување на документите и издавање на потврди за барателите на бугарско државјанство. Овој совет сѐ уште не е формиран, поради што процесот на издавање на државјанства, што за некои јавни личности од бугарското и македонското општество беше добар бизнис, многу бавно се одвива.
На побрзо формирање на овој совет апелираше лидерот на ГДУ, Петре Колев. Во гостување за бугарска телевизија пред некој ден, Колев рече дека Бугарија не ги користи алатките со кои може да влијае на процесите во Северна Македонија.
„Ако РСМ сака да остане во мочуриштето на својата балканска реалност, тамошните Бугари не се обврзани да живеат во оваа реалност и мораме да ги извлечеме од таму. Тоа може да се направи преку бугарско државјанство. Зошто ова заглави, зошто Бугарија повеќе од две години не може да оформи Советодавен совет на Државната агенција за Бугарите во странство?“, прашува Колев.
Според него, Белград, поддржан од Москва, е заинтересиран за конфликтот меѓу Софија и Скопје.
По форумите се’ уште има корисници кои споделуваат искуство. Еден од корисниците прашува кога ќе дојде на ред неговото барање од 2020 година, друг поминал, иако аплицирал во декември. Јагмата по бугарски пасоши очигледно не е завршена, само се одвива под завеса.
Дојче Веле потсетува на медиумски извештаи, кои пак се повикуваат на податоци од Министерството за правда, дека од 2001 до 2022 година бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а добиле 99.340.
(В.К.)