„Кралот на дриблингот“ и „Белиот Пеле“ се само некои од епитетите што се врзуваа со името на Драгослав Шекуларац – Шеки, еден од најдобрите фудбалери во СФРЈ и еден од најдобрите светски дриблери, кој е роден во Штип во 1937 година од мајка Македонка и татко Црногорец, на родниот град никогаш не заборави, па дури и прошталниот меч, на кој доведе многу светски ѕвезди, го одигра во Штип во 1978, пред една и пол година во родниот град доби спомен-обележје на местото каде што како дете ги правел првите фудбалски чекори, а таму сега штипјани му оддаваат почит
Пишува: Љупчо Шатевски
„Верувам дека ќе го доживеам денот кога во мојот роден Штип, со кој се гордеам, а и секогаш, па и во годините кога бев на врвот од кариерата, сум потенцирал дека сум штипјанец, ќе биде откриено спомен-обележје на местото каде што ги правев моите први фудбалски чекори, што е иницијатива на моите штипјани и со тоа ми прават голема чест. Еден гатач ми претскажа дека ќе живеам до 2017 година, но мислам дека се излажа, ме потцени, ми скрати некоја година живот“, шеговито прокоментира секогаш духовитиот Драгослав Шекуларац – Шеки во октомври 2015 година, кога дојде во Штип да се запознае со иницијативата во неговиот роден град да му биде подигнато спомен-обележје.
Го дочека споменикот и за две години го надживеа претскажувањето на гатачот
Шеки на 3 јуни 2017 го дочека денот на откривањето на неговото спомен-обележје во Штип, за две години го надживеа и претскажувањето на гатачот и во сабатата на 5 јануари, во 82. година од животот, почина во Белград, град во кој помина најголем дел од својот живот. Завчера претставници на локалната самоуправа, роднините на Шекуларац од Штип, фудбалери и граѓани, пред спомен-обележјето со букети цвеќе и со свеќи му оддадоа последна почит на Шеки, сеќавања за него пред обележјето ќе има и на секој 8 ноември, роденденот на Шекуларац, а тоа е ден и на ослободувањето на Штип.
Веста за смртта на еден од најдобрите фудбалери во СФРЈ и еден од најдобрите светски дриблери во тоа време, се најде во речиси сите познати медиуми во светот, со наслови како „Почина Кралот на дриблингот“ или „Почина белиот Пеле“… Во својата кариера Шекуларац најдолго настапувал за белградска „Црвена ѕвезда“, а за југословенската репрезентација играл десет години, период во кој таа била и олимписки победник и четврта на светско првенство.
Спомен-обележјето на Шекуларац во Штип, во паркот пред Домот на културата, веднаш покрај кејот на реката Отиња, каде што Шеки како дете првпат заиграл фудбал, го финансираше неговиот голем пријател, Жарко Калуѓеровиќ, а обележјето е дело на уметникот Методи Андонов.
– Имав привилегија Шекуларац да го запознаам како средношколец. Бевме сокласници во штипската гимназија со неговата прва братучетка Љубинка Коруновска. Неколку месеци по Светското фудбалско првенство во Чиле во 1962 година, на кое Шеки беше најдобар фудбалер, Љубинка на одмор меѓу часовите ни’ рече дека попладнето на гости ќе им дојде Шекуларац. По часовите, отидовме цел клас кај неа. Кога пристигна, Шеки се изненади од масовниот пречек. Со сите се ракуваше, разговараше. Тогаш му нацртав портрет-карикатура, која и денес ја чувам, а ја изложував и на изложби – раскажува Методи Андонов.
На откривањето на обележјето пред една и пол година, Шеки во Штип дојде со цел автобус поранешни фудбалери на „Црвена ѕвезда“ од најславните генерации, кои одиграа и натпревар со ветераните на „Брегалница“. Шекуларац, тогаш во 80. година од животот, го изведе почетниот удар на Градскиот стадион во Штип, на кој во 1978 го одигра и својот проштален натпревар, кога, всушност, и најголем број луѓе во Македонија дознаа дека големиот фудбалер потекнува оттука, а нему детските денови во Штип му останале во трајно сеќавање. Роден е во ноември 1937 година. Татко му Богосав бил Црногорец од околината на Беране, кој во Белград завршил правен факултет. На работа дошол во Штип, каде што се вљубил и стапил во брак со штипјанката Македонка-Донка Марковска. Но, неколку месеци по раѓањето на Драгослав, се преселиле во Белград.
За фудбалот го загреал вујко му Никола Марковски
„Родниот град почнав да го запознавам по војната, кога имав седум-осум години. Како основец, редовно летото го минував во Штип. Кај баба ми Драгана, која, покрај мајка ми, ја сакав најмногу на светот. За фудбалот ме загреа вујко ми Никола Марковски. Најмногу сакав да играм покрај Отиња, која преку лето пресушува. Штипјаните и Македонците секогаш ќе ги паметам како вредни, скромни и искрени луѓе. Секогаш кога сум носталгичен се присетувам на тие мили луѓе, а ако сум во кафеана, нарачувам македонски песни. Оние што подоцна ги среќавав низ светот беа многу позатворени и посебични. Се радувам што кога станав големо фудбалско име, штипјани со гордост истакнуваа дека сум роден во Штип и оти мајка ми е штипјанка, Македонка“, раскажува Шекуларац во книгата „Јас, Шеки“, објавена пред осум години во Белград.
И во таа книга и во многуте интервјуа што ги дал, Шекуларац редовно се присетува на својот официјално проштален натпревар од фудбалот одигран на 20 септември во 1978 година, кога во Штип на ревијален меч со „Брегалница“ го донесе „Њујорк иглс“, клуб чиј тренер беше тогаш, засилен со многу познати светски фудбалски ѕвезди, како Еузебио, Еду, Рилдо, Молина и југословенските Џаиќ, Сантрач, Клинчарски…
„Сакав да му се оддолжам на мојот роден град“
„Сакав на некој начин да му се оддолжам на мојот роден град. Тоа беше фудбалски спектакл што Штип не го беше доживеал и тоа беше единственото што јас можев да го направам за моето родно место. На сите фудбалери и функционери што допатуваа им платив авионски билети, хотел. Очекував од продажбата на билети за натпреварот да ги покријам трошоците, но не испадна така. Доплатував. Впрочем, јас со пари тешко се снаоѓам, па добро е што станав фудбалер, а не благајник во некоја фирма или, не дај боже, гувернер. Но, не ми е жал. На штипскиот стадион дојдоа рекорден број луѓе од Штип и од Македонија, кои уште го паметат големиот спектакл“, се присетува Шекуларац во „Јас, Шеки“.
– Тој меч не се заборава. Знаевме дека Шекуларац го организира и финансира сето тоа, па и сите што тој ден игравме за „„Брегалница“ против „Њујорк иглс“, засилен со светските фудбалски ѕвезди, си купивме влезници. Шеки беше големо име – „белиот Пеле“, како што го викаа, плус штипјанец, па сите фудбалери трчавме да се фотографираме со него, подзаборавајќи на другите ѕвезди – вели некогашниот фудбалер на „Брегалница“, Борис Цеков.
„Имав многу паметни нозе за глупава глава“
Да не бил неговиот темперамент и немирен дух, Шекуларац сигурно ќе имал и уште поблескава кариера. Во 1962 година на фудбалски меч во Ниш нападнал фудбалски судија, па заработил долготрајна суспензија во времето кога имал извонредни понуди од познати странски клубови, а најсериозната и највисоката во пари била од италијанскиот „Јувентус“.
– Ќе имав многу поуспешна кариера ако не бев таков каков што сум, па затоа и за сите години во фудбалот заработив колку што некои сега заработуваат за една недела. Имав многу паметни нозе за глупава глава.
Кариерата ми беше одлична се’ додека не направив една глупост со фудбалски судија во Ниш. Поради тоа, морав да одам и во војска. Ми дадоа митралез, па морав со него да јуришам по ридови и долини. Се немаше тогаш слух за врвни спортисти. Верувам дека кога сега, на пример, тенисерот Ѓоковиќ би го поминал тоа што јас го поминав со митралезот и јуришањето, не би можел повеќе да освои ниту еден трофеј – зборуваше Шеки пред три години во Штип за својата кариера.
НА ЕУЗЕБИО РОДНИОТ ГРАД МУ ГО ПОКАЖАЛ И ОД ИСАРОТ
Духовитоста и шегите му биле омилени на Шекуларац, а една раскажува и во книгата „Јас, Шеки“, а ја кажа и во некои изјави за медиуми што ги даде пред пет години кога почина големата фудбалска ѕвезда Еузебио.
„Приватно со Еузебио не сме се дружеле. Се познававме, почитувавме и бевме во добри односи кога патиштата ќе ни’ се вкрстеа. Додека уште беше многу славен, дојде да игра на мојот проштален меч во Штип. Го прошетавме градот. Се искачивме на еден рид (Исарот – н.з.) од кој како на дланка се гледа цел Штип. Му реков: ’Еузебио, во овој град е роден најдобриот фудбалер на светот’. Кога ме погледна малку зачудено, мирно му кажав дека во Штип е роден Шекуларац“, раскажува Шеки.
И двете големи фудбалски легенди починаа на ист датум – Шеки на 5 јануари 2019, Еузебио на 5 јануари 2014.