„Додека ние тука разговараме, квотата од 5000 странски работници е пополнета со 3000 и нешто“. Вака им одговори на новинарите вицепремиерот Фатмир Битиќи, прашан за доаѓањето на странски работници, кои би се согласиле да работат за македонска плата.
Битиќи рече дека ниедна влада во светот не го регулира „увозот“ на странска работна сила. На прашањето кои се тие работници кои би дошле да работат во Македонија – Пакистанци, Авганситанци…, Битиќи даде дефиниција – тие коишто сметаат дека ќе најдат подобар живот во нашата држава од нивната државата, секако ќе го најдат патот да дојдат до нашата држава.
-Нема ниедна држава, каде владата тоа го регулира. Дискусијата стана, понекогаш на ниво на шега за увозот на работна сила, но јас сум кажал – решенијата долгорочно ги бараме кај нашите сограѓани коишто конечно треба да сфатиме сите дека треба да се одважиме и доживотното учење не е само на хартија и не е само збор што понатаму треба да го зборуваме, туку треба да се доквалификуваме и преквалификуваме и да бидеме во тек со новите работни места кои се отвораат. Квотата од 5000 е пополнета со 3000 и нешто. Додека ние дискутираме е затворена, веќе ги има. Додека ние дискутираме, приватниот сектор веќе ги наоѓа решенијата сам. Но, јавната расправа, сакале ние како носители на јавни функции се одвива. Подобро да разговараме отколку да оставиме стихијно да се случуваат работите, одговори Битиќи.
Законот за вработување и работа на странци предвидува квота , која не може годишно да надминува 5% од населението на Македонија кое законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика.
Оваа квота се одредува согласно со политиката за миграција, условите и флуктуацијата на пазарот на трудот, Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која ќе го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот.
Квотата нема да опфаќа странци на кои врз основа на договор за реципроцитет со Европската унија им е дадена еднаквост со државјаните на Република Македонија, ниту пак ќе опфати странци за кои со овој закон не се предвидува дека мора да обезбедат работна дозвола, странци кои поседуваат лична работна дозвола, претставници и преместени странски работници кои ќе посетуваат дополнителни курсеви за обука.
По најавата на работодавачите и коморите дека странски работници би го пополниле недостатокот на домашна работна сила, пресметките покажаа дека околу 1000 до 1500 евра би чинело доаѓањето на еден странски работник од Азија во Македонија. Тука спаѓаат авионска карта, дозволи, сместување.