Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ ќе вложи сопствени средства за обезбедување и инасталирање на фотоволтаични системи на своите објекти. Процесот веќе започна. Овие системи освен што трошоците за струја ќе ги сведат на минимум, на Универзитетот ќе му овозможат да биде целосно енергетски независен, информираше денеска на прес-конефренција ректорот, Дејан Мираковски.
„Ние сме дневни потрошувачи, јадрото од енергијата го трошиме во текот на денот кога имаме студенти. Овие системи се идеални за нас. Веќе имаме распишано тендер за 36 киловатен систем, во тек е постапката за јавната набавка и овој систем е за објектот на новиот Ректорат,“ рече Мираковски.
Освен овој фотоволтаичен систем, 108 киловатен систем ќе биде поставен на правниот факултет а 252 киловатна постројка во Кампус 2.
„За првата постројка средствата веќе се обезбедени. За останатите ќе пробаме да пренамениме дел од средствата наменети за покривање на трошоците за комуналии и да ги пренасочиме во вакви инвестиции. Ќе се обидеме до крајот на годината да обезбедиме средства и за фотоволтаичниот систем на Правниот факултет“, додаде ректорот.
Фотоволтаичниот систем што ќе биде поставен во Кампус 2 , ќе овозможи производство и на вишок на енергија, којашто ќе ја презема мрежата на продажба. Овој систем ќе чини околу 13 милиони денари, на Правниот факултет- 6 милиони а тој што ќе биде поставен на новиот ректорат 2 милиони денари.
„Системите ќе се поставуваат етапно и веќе на пролет ќе треба да го имаме првиот, оној на ректоратот. Според проценките инвестицијата би се вратила за 1,5 година,“ тврди ректорот на УГД, Дејан Мираковски.
Инаку за десетина дена УГД ќе го одбележи и својот патронат. За овогодишното одбележување, најави Ректорот, најдобрите студенти од факултетите кои дипломирале во 2022 година со просек над 9, ќе добијат ваучери од по 10.000 денари.
Тој кажа дека по Медицинскиот факултет и Информатичкиот факултет поднел барање за акредитација за студиска програма на англиски јазик. Што се однесува до странските студенти, и понатаму најголемиот број доаѓаат од Република Турција , но има студенти и од Германија, Шведска, Норвешка па дури и од САД. Моментално во УГД има 600 странски студенти кои активно студираат, околу 400 имаат подготвителна настава на македонски јазик а околу 100 подготвителна настава по англиски јазик.
В.Кр