Наместо трансакциски сметки, платежни сметки. Банките добиваат конкуренција, на пазарот на платежни услуги простор за нови играчи, особено за оние од финтек-секторот. Ова го предвидува новиот закон за платежни системи и платежни услуги.
Покрај банките, сега платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците и специјализирани институции за платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка, а притоа да исполнат низа строги критериуми.
„Новите технологии не само што ја менуваат природата на финансиските услуги коишто се нудат, туку ја менуваат и структурата на давателите на финансиски услуги. Традиционалните финансиски институции сѐ повеќе се соочуваат со конкуренција од новите финтек и биктек-компании коишто нудат палети на услуги што до неодамна беа дел од традиционалните функции на банките. Поновите податоци коишто се однесуваат, на пример, на групата единаесет поголеми технолошки компании покажуваат дека сите тие веќе обезбедуваат платежни услуги, две третини даваат банкарски и кредитни услуги, а не е мал бројот и на компаниите коишто обезбедуваат услуги за управување со средства, осигурување, како и прибирање финансиски средства за алтернативно финансирање. Во основата на овие трендови се големите и постојани вложувања во истражување и развој. Така биктек-компаниите Амазон, Гугл и Епл се три од десетте компании во светот коишто најмногу вложуваат во истражување и развој“, вели гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска -Бежовска.
Што треба да знаат граѓаните за полесно и побргу да се вклопат во новиот закон за платежни системи и платежни сметки.
Новата регулаторна рамка пропишува јасна обврска за давателот на платежни услуги да го информира потрошувачот за условите под кои може да ги користи неговите платежни услуги и да му даде информативен документ за надоместоците за најчесто користените, односно најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка.
Разликата меѓу платежна сметка за основни функции и платежна сметка
Платежна сметка со основни функции | Платежни сметки |
-Исклучиво во денари | -Може да бидат во една или повеќе валути различни од денари |
-Не може да има дозволено пречекорување | -Може да има дозволено пречекорување |
-Не може да има други платежни сметки во денари во други банки/штедилници | -Може да има платежни сметки кај повеќе даватели на услуги |
-Не вклучува кредитни картички | -Со надоместок |
-Без надомест за одредени услуги |
За поголема финансиска вклученост, се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски како што се сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл. или трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци којашто не смее да биде повисока од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може да ги добиваат овие услуги без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку пет трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка, образложи д-р Евица Делова -Јолева од Дирекцијата за заштита на потрошувачи и финансиска едукација.
Разликата во однос на другите платежни сметки е што преку овие сметки граѓаните ќе може да извршуваат плаќања само во рамките на средствата со кои располагаат на сметката, односно нема да можат да користат договорно пречекорување и да навлегуваат во т.н. „минусно салдо“ за да вршат плаќања.
Доколку граѓаните тековно имаат повеќе платежни -трансакциски сметки во денари, ќе треба да ги затворат, а ќе може една од нив да ја трансформираат во платежна сметка со основни функции. Доколку граѓаните сакаат да отворат платежна сметка со основни функции кај банка или штедилница кај која тековно немаат платежна -трансакциска сметка, тогаш ќе треба да ги затворат сите платежни -трансакциски сметки во денари кај другите банки и штедилници коишто ги отвориле во минатото. Од друга страна, кај истата банка или штедилница граѓаните ќе може да користат кредитна картичка за што ќе мора да склучат одделен договор, како и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута.
Едностраното раскинување на рамковиот договор за платежна сметка може да се случи доколку има сомнеж дека потрошувачот со намера ја користил истата за незаконски цели или потрошувачот доставил неточни информации заради отварање платежна сметка со основни функции, а врз основа на точните информации би немал право да отвори и користи платежна сметка со основни функции. Стапува во сила веднаш.
Доколку граѓанинот не ја користел платежната сметка подолго од две години или не остварил комуникација со давателот на платежни услуги во врска со платежната сметка во тој период, таа ќе добие статус на неактивна платежна сметка.