Ќе се прави анализа и стручен надзор за случајот со родилката од Тетово, која со некроза на матка заврши во Скопје. Сѐ што ќе се добие како документ, ќе соопштиме јавно – изјави на 27-ми декември 2021 тогашниот министер за здравство Венко Филипче откако родилката Дона Неделковска обелодени низ каков хорор поминала на тетовска гинекологија.
Министрите во ресорот здравство се сменија, а ваквата куса изјава остана само во архивите на медиумите. Во пракса не се случи ништо, никој од институциите не ја контактирал Неделковска која раѓајќи го својот син на тетовска гинекологија, остана без матка. Извештајот од стручниот надзор беше нејзина единствена надеж за да може правдата да ја бара на суд, но институциите кои неодамна се фалеа со заложби на женските права, практично потклекнаа во еден ваков случај кој остави последици и врз психичката состојба на младата мајка.
„Апсолутно немам никаква информација. Само ми беше кажано дека ќе биде извршен стручен надзор и тоа е тоа. Од декември 2021 помина многу време и медиумите вршеа притисок, но нема одговор од Министерството ниту од некој. Дури и тој надзор да е готов и да е утврдено дека сѐ било по протокол, нека ми одговорат, макар и да е негативен одговорот. Вака немам ништо“, вели за ММС, Дона Неделковска.
Таа во претходното интервју за ММС раскажа дека психичкото закрепнување било потешко од физичкото и дека неопходно било да побара стручна помош од психолог. За среќа Дона сега нема таков проблем, работи и се грижи за својот син за кој вели дека е многу темпераментно и палаво дете.
Во меѓувреме, нејзината адвокатка без извештајот од стручниот надзор не може да отпочне судска постапка. Дона вели дека се испратени барања до Здравствениот и санитарен инспекторат, но и до Министерството за здравство. Сепак, тоа не вродило со плод.
Адвокатката пак, е обезбедена преку Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од каде велат дека обезбедуваат правна помош за граѓаните кои сметаат дека биле жртви на лекарска негрижа преку информации. Програмскиот директор на ова здружение, Гоце Коцевски за ММС објаснува дека во конкретниот случај е доведено во прашање остварувањето на правото на здравствената заштита.
„Во конкретниот случај, вториот ден по интервенцијата (пораѓање со царски рез) кај родилката се појавуваат симптоми и знаци кои недвосмислено укажуваат на проблем со дигестивниот систем. Симптомите не се соодветно третирани ниту се вршат неопходните дополнителни иследувања што доведува до тоа на петтиот ден, пациентката да биде упатена на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во сериозно загрижувачка општа здравствена состојба. На клиниката кај родилката е дијагоностициран постоперативен илеус (компликација од операцијата) како и некротични промени на утерусот (матката) поради што било неопходно отстранување на матката“, објаснува Коцевски.
Според него, здравствените работници во матичната здравствена установа биле должни со особено внимание да ја следат здравствената состојба имајќи предвид дека компликациите со кои се соочила можеле да се очекуваат по таква интервенција.
Ако стручниот надзор утврди пропуст, хипотетички врз основа на него може да се утврди и кривична одговорност
Одговарајќи на прашањето и колку фактот дека Неделковска сѐ уште нема извештај од стручниот надзор е „кочница“ за да се поднесе кривична пријава, тој потенцира дека секој пациент кој има основи да се сомнева дека се соочил со несовесно лекување во старт се соочува со значителна асиметрија на моќ во однос на прибирањето докази кои ќе придонесат да се утврди она што се случило.
„Најчесто како лаик кој нема стручни познавања кои се неопходни за да се утврди дали во конкретнито случај се постапило или не согласно медицинските протоколи, единствено нешто кое го има на располагање пациентот е или да поднесе барање за стручен надзор до Министерството за здравство или пак директно да поднесе кривична пријава до јавното обвинителство. И во двата случаи одговорите на стручните прашања се бараат од еснафот, т.е од лекарската комора“, потенцира Коцевски.
Во конкретниот случај, сакајќи да се следи определен пат во кој ќе се даде можност на установата и струката да даде одговор што се случило, се поднело барање за стручен надзор. Според Коцеквски, наодите од овој стручен надзор имаат тежина од причина што доколку постои одредена одговорност или пропуст кој довел до потешки последици по здравјето тој може хипотетички да биде основ за утврдување и на можна кривична одговорност.
„Без извештајот од стручен надзор малку е веројатно да се води било каква друга постапка за заштита на пациентите“, дециден е нашиот соговорник.
Единствената информација која ја добил правниот тим е дека барањето за стручен надзор е препратено до Лекарската комора која треба да основа комисија и да го изврши надзорот.
„Дали се преземени одредени дејствија во таа насока – немаме информација“, додава Коцевски.
Институционалниот молк не е изненадување додека зачестуваат поплаките за здравствената нега на родилките
Македонски медиа сервис испрати прашања до Министерството за здравство и до Лекарската комора, од каде не одговорија дали надзорот веќе е завршен и што е утврдено, односно кои се заклучоците. Лани од Лекарската комора за ММС кусо информираа дека формирале комисија која ја комплетира медицинската документација, но сега една година подоцна, од таму не откриваат каква е констатираната состојба.
Неделковска вели дека за жал, не е изненадена од односот на институциите, бидејќи во државава „секое чудо е за три дена“, а потоа се заборава.
„Според стручната литература која ја читав, ова не било ретка појава. Во вакви случаи е загрозен не само животот на мајката, туку и на бебето. Затоа е најважно да се има брза интервенција, а не игнорирање. За разлика од тоа јас бев лечена со чај“, се потсетува Дона.
Коцевски од МЗМП укажува дека Лекарската комора мора да ја зајакне транспарентноста во своето работење и дека во насока на заштита на лекарската професија треба да излезе со јасни, стручни мислења дури и ако во нив се идентификуваат пропусти во работењето на нивните колеги/шки.
„Меѓупрофесионалната професионалност е факт и таа постои речиси во сите држави, меѓутоа зголемување на довербата е единствено можно тогаш кога овие тела, на кои граѓаните преку законите им имаат доверено автономија и значителни надлежности за саморегулација, ќе покажат непоколебливост во идентификувањето на сите пропусти. Уште повеќе, неспорно е дека мошне често причини зошто граѓаните сметаат дека се жртви на медицински пропусти се и системски грешки кои ги оневозможуваат лекарите да ја обезбедат квалитетната правна помош (пр. недоволно кадар, опрема, материјали, реагенси и сл.). Па овие мислења на лекарската комора можат да продуцираат препораки како да се избегнат идни вакви пропусти“, смета Коцевски.
Со оглед дека ги следи состојбите во однос на правната заштита на правото на здравствена нега, ваквото институционално затајување според него, не претставува некое особено изненадување.
„Она што загрижува е зачестеноста на поплаките во однос на здравствената нега на родилките и отсуството на било каква суштинска разрешница на сите поплаки“, заклучува Коцевски.
Во меѓувреме, Дона вели дека ваквото искуство ѝ го променило начинот на размислување и сфатила колку е краток животот. Затоа, таа решила да се откаже од својата професија – стоматологијата и да почне професионално да се занимава со фотографија.
„Отсекогаш имав повеќе љубов за тоа. Никогаш немав доволно храброст да се откажам, си велев тоа сум студирала. Но кога ми се случи сето ова ми се промени начинот на размислување, сфатив дека не вреди ниту еден ден да се помине правејќи нешто што не те исполнува. Кога ми заврши породилното си дадов отказ“, додава Дона.
Случајот со породувањето на Дона Неделковска од Тетово ја разбранува домашната јавност кога таа откри дека доживеала некроза, а животот ѝ висел на конец.
„На жените кои се во ваква или слична ситуација би им порачала отворено да зборуваат. Кога поминуваме низ нешто мислиме дека сме единствени во тоа, а кога ќе се отвориш на блиски, тогаш сфаќаш дека не си сам и има многумина кои минуваат низ истото. Но уште е ова табу тема и имам мисија да сум гласна за овие теми“, порачува Дона.
Од Клиничката болница – Тетово претходно се оградија и за ММС изјавија дека сведоштвото е видување на нештата од страна на родилката.
Вања Мицевска