Светскиот ден на бубрегот кој годинава се чествува под мотото „Здрави бубрези за сите – Да се подготвиме за неочекуваното, да ги заштитиме најранливите”, беше одбележан денеска во организација на Универзитетската клиника за нефрологија – Скопје.
Светскиот ден на бубрегот се одбележува традиционално секоја година започнувајќи од 2006 година, под различно мото, акцентирајќи ги најзначајните проблеми со кој се соочуваат пациентите со бубрежни заболувања, но и предлози за нивна превенција.
Директорката на Клиниката за нефрологија, Ирена Рамбабова Бушљетиќ рече дека изминатите неколку години видовме дека големите настани, како што беше корона пандемијата, имаат големо влијание врз пациентите со бубрежни заболувања и колку е важно да имаме екипиран здравствен систем.
– Се смета дека 8 до 10 отсто од општата популација има одреден степен на хронична бубрежна болест. Во раните стадиуми болеста е без симптоми, се случува тивко. Без редовни превентивни прегледи, пациентите не знаат дека воопшто ја имаат таа состојба. Најчести причини за бубрежна болест се покачениот крвен притисок (артериска хипертензија) и дијабетесот. Со нивно навремено и правилно лекување, ќе спречиме развој на хронична бубрежна болест – информираше директорката.
Таа соопшти дека во земјава бројот на пациенти кои имаат потреба од хроничен хемодијализен третман се движи помеѓу 1.300 и 1.600 пациенти.
– Статистичките податоци од 2021 година укажуваат дека кај нас има околу 1.390 пациенти на хемодијализа. Бројот на пациенти со трансплантиран бубрег е 250 пациенти. Значајно е дека 2021 година е година со најголем број на изведени трансплантации од починат дарител – 16, во услови на функционирање на здравствениот систем во ковид пандемија, рече Рамбабова Бушљетиќ.
Во периодот од 2020 до 2022 година направени биле вкупно 62 трансплантации на бубрег, од кои во 30 случаи бубрези се добиени од починат дарител.
– Листата на чекање за трансплантација на бубрег се движи од 130 до 160 пациенти, бројката е променлива заради тоа што се врши постојано обновување на испитувањата на потенцијалните приматели на бубрег, информираше директорката на Клиниката за нефрологија.
Сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, нагласи дека е неопходно навремено информирање, превенција и рана дијагностика, а потоа и соодветен третман на заболувањата на бубрезите.
– Минатата година токму во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот споделивме, за жал, ни малку розови прогнози, дека до 2040 бубрежните болести ќе бидат петтиот најголем причинител за смртност во светот. Колку една година потоа е направено во борбата со бубрежните болести и дали суштински сме придонеле за зголемување на грижата за здравјето на бубрезите? Економската криза која започна со пандемијата со Ковид-19, но, подоцна и поради неповолните геополитички и економски фактори, за жал, се продлабочува, рече Ѓоргиевска.
Таа нагласи дека човечките ресурси се нашето најсилно оружје.
– Но, и ние како граѓани, со грижата и вниманието за сопственото здравје, треба да им помогнеме со практикувањето на здрав животен стил, како и со навремени прегледи и контроли да ја намалиме потребата од лекување и интервенции, порача Ѓоргиевска.
Првата дама информираше дека незаразните болести (НКБ), кои вклучуваат кардиоваскуларни болести, дијабетес, рак, хипертензија, хронични белодробни и бубрежни заболувања, се познати како водечки причини за смрт ширум светот, особено во земјите во развој, но и во случајот со хроничните бубрежни заболувања, ситуацијата не е ништо поразлична.
Научниот соработник д-р Ирфан Ахмети, претседател на научното Здружение за обезност – ОБЕМ, истакна дека потребно е навремено да се открие и менаџира дијабетесот.
МИА