Гори објект од тврда градба покриен со стакло (пластеници насади со марихуана) – соопшти денеска Регионалниот Центар за управување со кризи Кавадарци. Се работи за објект кој се наоѓа од десната страна на регионалниот пат Прилеп – Градско, во близина на селото Дреново. На терен за гаснење на пожарот интервенираат: ТППЕ Кавадарци со 15 пожарникари, 3 ПП возила, 2 ПП возила за гасење на шумски пожари и 1 возило за превоз на луѓе; ТППЕ Неготино со 3 пожарникари и 1 ПП Возило; ЈП „Комуналец“ Кавадарци со 3 цистерни и 3 вработени; „Еуро Никел“ со 1 вработен и 1 ПП возило. Зафатена е површина од околу 1 хектар.
Пожарот е ставен под контрола, а екипите се се уште на терен – соопштија надлежните.
Во меѓувреме, Регионалниот Центар за управување со кризи Штип, информираше за пожар на отворено на територијата на Кочани.
Во моментов има пожар на отворено покрај магистралниот пат Кочани – Виница, каде што гори стрниште, запалена трска и големо количество фрлени стари автомобилски гуми, поради што се гледа густ чад. Пожарот е на просторот локациски наспроти фабриката за хартија, каде што на лице место е и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Конкретно, од запаленото стрниште се запалила високата трска во којашто имало фрлено големо количество стари автомобилски гуми – соопштија од ЦУК.
Пожарот е пријавен во 14,20. За гаснење на пожарот и спречување на негово проширување брзо и ефикасно интервенирале пожарникарите од ТППЕ Кочани (3 ПП возила со 8 пожарникари и неколку доброволци), а додека траела акцијата за гасење на пожарот сообраќајот на тој патен правец бил во прекин. Ситуацијата се следи од страна на ЦУК и пожарникарите коишто се на терен.
Инаку, Анегелов денеска е во службена обиколка на регионалните центри за управување со кризи во тој регион.