Специјален комитет при Европскиот парламент истражува како се користат софтверите за следење на комуникациите Пегасус и Предатор, откако во повеќе европски држави, како и во репресивни режими во Африка, се појавија повеќе случаи на проминентни политичари, новинари и граѓански активисти, кои незаконски биле следени откако телефоните им биле инфицирани со ваков софтвер. Неговата моќ е голема, затоа што без знаење на корисникот на мобилниот телефон, овој софтвер може да ги извлече сите комуникации, фотографии, фајлови, видеоматеријали и документи од мобилниот апарат, што потоа доколку се користи надвор од законските граници претставува неовластена шпиунажа на недолжни граѓани и може да служи за уцена, заплашување, манипулација со изборите…
Пишува: Мирослава Бурнс
Во Извештајот за сработеното од страна на специјалниот Комитет за истражување на Пегасус и сличните софтвери, се споменува и Северна Македонија. На 36-тата страница во делот каде се зборува за компаниите производители на овој софтвер, се споменува Унгарија. Унгарската влада, според Извештајот, не само што го купила и користела Пегасус против своите граѓани туку и била домаќин на други компании производители од оваа бранша. Блек Кјуб е израелска приватна разузнавачка агенција составена од поранешни вработени во Мосад, израелската војска и израелските разузнавачки служби.
Блек Кјуб беа вклучени во голем број јавни контроверзи за хакирање, вклучително во САД и Романија. Откриено беше дека се поврзани со шпионскиот софтвер на НСО Груп и Пегасус. После многу голем јавен притисок за тоа дека НСО ги најмила Блек Кјуб за да ги таргетираат нивните противници, поранешниот извршен директор на НСО, Шалев Хулио призна дека го ангажирал Блек Кјуб барем во една ситуација во Кипар.
Блек Кјуб се вклучија во Унгарија за време на изборите 2018 година кога надзор правеа врз разни невладини организации и лица поврзани со Џорџ Сорос и тие информации му ги даваа на Орбан за тој да ги спинува нивните активности во кампања за оцрнување. Меѓу таргетите беа адвокат и член на унгарскиот Хелсиншки комитет, Марта Пардави. Добиените информации од надзорот на тие поединци и невладини организации се појавија не само во унгарските медиуми контролирани од државата, туку и во Џерусалем пост.
Дополнителн врска со Унгарија има и фирмата Сајтрокс Холдингс, која е регистрирана на адреса во Будимпешта. Сајтрокс оргинално беше формирана во Северна Македонија и го креираше Предатор софтверот пред да биде купен од ВиСпеар, кој е сега дел од групацијата Интелекса водена од Тал Дилијан, стои во Извештајот.
Пратеничката во Европскиот парламент, Софи Интвелд на прес-конференција каде ги презентираше наодите од Извештајот кој бил составуван во период од седум месеци рече дека сите земји членки на Европската Унија на располагање имаат ваков софтвер, дури и ако не го признаваат тоа.
Но, според неа, проблемот е во тоа што овој софтвер се злоупотребува, а тоа претставува огромна закана за демократијата на целиот континент.
Неговата официјална намена е за пресретнување на криминалот, тероризмот и дрогата, но проблемот настанува кога ќе се излезе надвор од овие граници. Тогаш се случува злоупотребата на шпионски софтвер која не само што го нарушува правото на приватност на индивидуите, туку ги поткопува демократијата и демократските институции, ги замолчува опозицијата и критичарите, ја елиминира контролата и има ефект на „ладење“ за слободното новинарство и граѓанското општество. Таа злоупотреба меѓу другото служи и за да се манипулира со изборите.
Скандал со шпионски софтвер не е национален, туку европски скандал. Се трудиме да го гледаме низ призмата на националната политика, ама ако ги поврзете точките одеднаш се појавува друга слика и гледате дека ова е комплетно европска работа. На пример, директно има ефект врз институциите на ЕУ, бидејќи парламентарци, комисионери и министри биле предмет на следење. Тие што ги следеле, исто така седат во Европскиот совет. Злоупотребата на шпионски софтвер, има влијание на интегритетот на изборите. Индустријата со шпионски софтвер е сива индустрија, којашто е зла и со многу ниски етички стандарди. Терминот платенички шпионски софтвер, убаво го сумира сето ова. Но, оваа индустрија ги користи бенефитите на ЕУ етикетата, репутацијата на ЕУ и Шенген. Европа нуди одлични услови за оваа индустрија вклучително и слабо применување на правилата, па така Европа овозможи извоз на шпионски софтвер за Либија, Египет, Бангладеш каде таа опрема беше користена против активисти што се борат за човековите права и новинари, посочи во своето излагање пратеничката во Европскиот парламент.
Овој Извештај на специјалниот Пега одбор е карактеристичен по тоа што го следат игнорирања и несоработка од страна на владите ширум Европа и производителите на софтверот. На пример, кога таа се обратила до Тал Дилијан, човекот кој е извршен директор на фирмата Интелекса, не добила одговор. Во дописот до Дилијан повторно се поставени прашања од европратеничката за корпоративната структура која меѓу другото ја вклучува и фирмата Сајтрокс од Северна Македонија.
Фирмата Сајтрокс, хостирана од Интелекса, почна како старт ап во Северна Македонија, но според Форбс вие ја спасивте од банкрот со пет милиони долари. Корпоративната структура на Сајтрокс се чини раштркана, со корпоративно присуство во Унгарија, Израел и трансфер на акции во корпоративен ентитет на Британските Девствени Острови. Ве молам дајте ни информации за вашата сегашна и поранешна улога во Сајтрокс, како и кој е линкот меѓу Сајтрокс и Интелекса. Дали Интелекса може да ни објасни зошто има присуство на Британските Девствени Острови? Дали Интелекса може да објасни дали Сајтрокс пренел делови од своите акции на Британските Девствени Острови?, стои во дописот до Дилијан.
Интвелд зборуваше и за личните искуства на жртвите на ова следење, како и за можните решенија односно акцијата што треба да се преземе за ситуацијата да се подобри. Според Интвелд, Кипар е извозник на шпиунски софтвер, а во Грција истиот се злоупотребува систематски како дел од политичка стратегија. Зборувајќи за жртвите, таа го потенцираше магичниот круг во кој тие запаѓаат. Кога одат во полиција и бараат да им се истражи нивниот случај поради тоа што се сомневаат дека се незаконски следени преку ваков софтвер на својот телефон, тие не добиваат информации. Потоа обвинителот им бара докази дека биле таргет на следење, кои тие не можат да ги имаат поради молкот на полицијата.
Решението односно излезот од оваа ситуација според пратеничката во Европскиот парламент е да се преземат мерки, па затоа таа предложи повеќе иницијативи.
Прво, предложив итен мораториум за овој софтвер, но тој мораториум да може да престане од секоја од земјите доколку се исполнат четири услови. Прв услов за да се отстрани мораториумот е сите обвинувања во конкретната земја да се соодветно истражени, земјата да има законска рамка за одговорно користење на овој софтвер, земјата да се согласи на предлозите на Еуропол да се спроведат истраги и дозволите за извоз кои нема да го поминат тестот, да се укинат веднаш. Употребата на овој софтвер мора да се регулира во согласност со стандардите за човековите права, и важно е да се согласиме дека треба да има една дефиниција за тоа што претставува национална безбедност. Треба строго да ги спроведуваме правилата за извоз, бидејќи имаме регулација за дуална употреба, но спроведувањето е несериозно, рече пратеничката Интвелд.
Уште на крајот од 2021 година, порталот Призма пишуваше за улогата на македонската ИТ фирма Сајтрокс, во глобалниот скандал со сајбер шпиунирање кој тогаш го објави Фејсбук и невладината Ситизен лаб.
Според тој напис, Сајтрокс е дел од групација вредна милиони, која нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции. Таа групација ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел како на пример Тал Дилијан, а македонскиот линк е триесетгодишниот Иво Малинковски, управител на Сајтрокс од Скопје во тоа време. Според Призма, најтесното семејство на Малинковски, покрај познатите ресторан и винарија „Камник“, ја поседува и ја води фирмата за трговија со воена опрема и со оружје „Микеи-интернационал“.
Извори на БИРН велат дека во преговорите за инвестирање во „Сајтрокс“ кога сѐ уште била стартап учествувал и таткото на Иво, Илија Малинковски, но тој во текстот го негираше тоа.
Минатата недела во Грција полицијата влезе во фирмата Интелекса на израелскиот воен разузнавач Тал Дилијан во Атина, а претресувани беа и куќите на вработените, поради истрага и основани сомненија дека моќниот софтвер Предатор, кој може да ги украде сите пораки, фотографии и конверзации од мобилните телефони на следените лица, се злоупотребувал за шпиoнирање политичари опозиционери, новинари, безбедносни лица, бизнисмени, министри и дека на таков начин била опструирана демократијата, слободата и приватноста во Грција но и пошироко.
Њујорк Тајмс пред една недела објави дека грчката влада и дала на фирмата Интелекса дозвола софтверот предатор да го извезе во Мадагаскар, држава со историја на кршење на човековите права и политичка репресија на неистомислениците. Грчкиот неделник Документо, наведе дека и поранешниот шеф на полицијата во Грција како и судии биле меѓу инфицираните со шпиунски софтвер за да бидат следени нивните пораки, комуникации, фотографии и едноставно, се што имаат во нивните мобилни телефони.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.