Сите млади луѓе треба да добијат шанса да бидат поддржани да го постигнат својот потенцијал во учењето, развојот и работата – заклучи во анализата на оваа тема, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Додека населението старее, компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила, а истовремено младинската невработеност бавно се намалува.
Ако пред 10 години 52,3% од невработените во земјава биле млади луѓе, денес 28,3% од невработените се млади. И покрај оперативните планови за вработување, невработеноста кај младите не бележи пад. Стапката на невработени млади (во категоризацијата на ДЗС, тоа се лица на возраст од 15-24 години) во земјава во третиот квартал за 2022 година изнесува 19.587 или 17% од вкупниот број на невработени лица вбројани во активно население.
За ваквата контрадикторност на македонскиот пазар на труд, разговараме со комуникологот Бојан Кордалов, коавтор на анализата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Населението старее, во компаниите има недостиг на работна сила, а сепак младинската сиромаштија е сѐ поевидентна и секој четврти млад човек се соочува со сиромаштија. Како го коментирате ваквиот јаз?
-Она што го покажа анализата е дека ни е потребно да се фокусираме на вештини и на знаења, коишто ги бараат професиите на иднината. Професија на иднината е секоја професија којашто луѓето, особено младите, ќе ја изберат самоиницијативно по своја волја и по свое убедување бидејќи таа ќе им донесе задоволство во работата, а со самото тоа и многу подобри примања. Она што го заклучивме е дека треба да се фокусираме на вештини и на знаења коишто младите луѓе особено ги имаат и сметаат дека се важни, меѓутоа и да се обидеме да предвидиме како ќе изгледа општеството за триесетина години или барем за дваесетина години од сега и на тој начин да ги стимулираме луѓето коишто имаат своите афинитети да бираат професии коишто се базираат на таков дел. Исто така, добро е ако некоја личност одлучила да има магистратура или докторат, но пресудно е кога ќе се бира што е тоа што ќе се прави да биде во склад со пазарот на трудот.
Забелешките и заклучоците кои ги споменувате во однос на занаетите се нешто на што и бизнис секторот укажува со години наназад. Што покажува искуството – дали младите самостојно одбираат што ќе студираат или можеби се под притисок од семејството да се одлучат за факултет за кој родителите сметаат дека ќе донесе просперитет?
-Тоа е индивидуално, меѓутоа статистиката кажува дека најбарани факултети во моментот, освен медицинските, се факултетите се компјутерско образование. Она што е потребно да се направи е да се фокусираме на вештините и знаењата коишто секоја млада личност ги има. Дури сите ние да се запишеме на факултет за компјутерски науки, теоретски сите да го завршиме, ако немаме афинитети и вештини да го правиме тоа и немаме желба, за жал нема да успееме во таа сфера.
Од друга страна, ако запишеме факултет во еден систем којшто ќе нѐ храбри да бираме, ќе ни дава можности да експериментираме пред да се запишеме на нашето следно образование без разлика дали е тоа средно или факултет и завршиме нешто кое е во склад со нашите афинитети, ние ќе постигнеме многу поголемо задоволство и ќе дојдеме до многу повеќе финансии. Апелираме до државата да ги мотивира луѓето да бидат слободни во својот избор, да им дава можности да се пробуваат уште од најрана возраст, да тестираат што е тоа што им одговара и секако, да слушаат стручни луѓе коишто би можеле да им помогнат на младите луѓе.
Како да ги подобриме образовните политики во државата? На кој начин МОН, па и останатите надлежни институции би можеле да ги прилагодат креираните политики за вработување на состојбата со пазарот на труд?
-Дефинитивно ова може да се реши со подобри образовни политики, но јас мислам дека тука треба да се поттикне и Министерството за труд. Во својата компонента на трудот, МТСП да се фокусира на пазарот на труд и поддршка на младите.
Мислам дека како Влада генерално треба да се излезе од постојаното промовирање на стратегии кои се добри на хартија, а многу често се препишани од други земји, но за жал не се спроведуваат. За да направите одредена промена и одредена политика мора, народски кажано, „да ги засукате ракавите“ и да излезете на терен за да разговарате со оние за кои е наменета таквата политика или тој документ и да почнете да го спроведувате. Залудно е ние да носиме стратегии, мерки и политики ако ние не комуницираме на терен со целните групи и ако не разбереме дека не сме таму за да седиме зад компјутерот туку треба да бидеме таму каде што се нашите корисници. Освен образовните политики што дефинитивно треба да се менуваат, треба и во овој дел да се направат сериозни напори и МТСП да се фокусира на младите луѓе и да направи посебен дел којшто ќе се однесува на младите и на пазарот на трудот.