Во Кривичниот суд во Скопје треба да почне судењето против сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски, за кого, скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела: Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело: Уцена, едно кривично дело: Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело: Злоупотреба на лични податоци.
Порталот Сведок пишува дека јавен обвинител во предметот е Јован Серафимовски, а судија Марија Клетничка Марковска. Има најави дека судењето може да биде затворено за јавност поради заштита на жртвите кои се оштетени во процесот.
Според Сведок, нема да биде изненадување доколку Стаменковски признае вина на почетокот на судењето и на тој начин ќе се избегне изведување на вибер и друга комуникација како доказ за нарачките во текстовите, а доколку не се случи тоа, тогаш во доказна постапка ќе се изведуваат сите докази и ќе се сослушуваат повеќе сведоци.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.