Актуелната криза со лебот во Македонија извади на површина многу аномалии во нашиот пазар. Па така, економистите зборуваат за привилегирани компании па и сектори, компании кои се ненаситни и постојано бараат државна помош бидејќи ќе затворат. Потоа компании кои на различни начини избегнуваат плаќање на данок на штета на сите нас, кои го плаќаме ова однесување – еднаш со редовното плаќање данок, втор пат кога државата им дава субвенции на овие компании кои само што не пропаднале со високи профити и тогаш кога им ги купуваме производите.
Во некои од објаснувањата на економистите беше утврден недостаток во владината одлука за замрзнување на цената на лебот. Толкувањето беше дека во одлуката има задолженија, меѓутоа нема построги мерки, како во некои од земјите од регионот, кои пропишале привремена забрана за вршење дејност, па дури и национализација на капацитетот.
Во одлуката на македонската влада, која вчера беше објавена во Службен весник единствено ограничува, како што стои, „Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во декември 2022 година“.
Казни и до 26.000 евра и забрана за дејност
Ова е предвидено како санкција во Хрватска, чија влада најави дека ако треба може да ги ограничи цените на 300 производи. Во Хрватска лани во септември беа ограничени девет основни производи меѓу кои брашно, шеќер, зејтин, но и месо. Глобите за прекршување се пропишани до 26.000 евра за правно лице, а до 1.090 евра за трговец, односно физичко лице.
На компанијата може да се изрече и заштитна мерка забрана за вршење одделни работи во период од шест месеци до една година, додека на одговорното лице забрана за вршење одделни работи во траење од шест месеци до една година.
Хрватската влада ја воведе апликацијата Движење на цените во малопродажбата , преку која граѓаните ќе можат да имаат увид во цените и да ги споредуваат.
Црна Гора ја ограничи цената на пелетите
Владата на Црна Гора беше принудена да донесе ограничувања на цената на пелетите, кои се популарен енергенс во оваа земја. Откако почна драстичниот раст на цените, владата излезе со мерка, со која пелетите ги смести во групата на производи од посебно значење. Претходно настапи со ограничени маржи на брашно, зејтин, сол и шеќер. Црногорската влада донесе и закон за привремени мерки за ограничување на цените на производите од посебно значење за животот и здравјето на луѓето и Одлуката за привремени мерки за ограничување на цените на производите од особено значење за животот и здравјето на луѓето.
Србија ги ограничи цените и на месото
Српската влада ги ограничи цените на основните прехранбени продукти и тоа шеќер, брашно од тип 400, сончогледово масло за јадење, свински бут и млеко со 2,8 отсто млечна маснотија. Владата ова го уреди во правилник, според кој, предвидена е глоба од 100.000 до 2.000.000 динари за правното лице ако постапи спротивно на одредбите овој правилник.
Како и во Македонија, сите земји спроведуваат засилени контролни мерки, со цел стабилизирање на пазарот.
Според изјавите од Државниот пазарен инспекторат, во изминатите два дена спроведени се 234 контроли. Изречени се и четири парични казни од над 300.000 денари за утврдени неправилности.
-Казните се многу високи, тие се согласно Законот за трговија, дури и со Законот за заштита на потрошувачи, каде се движат од 500 до 10 000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра по одговорното лице во правното лице. Во Скопје се утврдени три неправилности и во Куманово една неправилност, односно ситуација каде што лебот не е по замрзнатата цена, односно беше над 33 денари“, изјави Александра Котели од ДПУ.
Контролите продолжуваат, како што останува на сила бојкотот од дел од пекарите и тоа од најголемите. Во некои од градовите, како Штип, Гевгелија и други, пекарите ја намалија цената на белиот и полубелиот леб, кој може да се најде и за 30 денари.
В.К.