Бројните се компании, кои почнуваат бизнис со фотоволтаици, но најинтересна за јавноста беше таа во која ко-сопственик е сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, Елена Ковачевска. Компанијата
„Сол груп 5 ДОО Скопје“, има петмина сопственици и според најавите, планира да постави соларна електрана во Радовиш, со јачина од 1,8 мегавати. Во оваа компанија покрај Ковачевска, се и сопругата на директорот на Катастар, Светлана Тунџева, синот на кумот на Ковачевски, Кирил Паунов и уште две лица. „Сол груп 5 ДОО Скопје“ не е нова, компанија, туку е основана во 2020 година.
Наспроти тоа што основната дејност и најавата е дека ќе работи со фотоволтаици, според објаснувањето на Марко Бислимовски од РКЕ, тоа е една од компаниите кои немаат субвенции од државата, туку енергијата ја продаваат на слободниот пазар.
-Пренатрупани сме со барање за лиценца за производство на електрична енергија. За овие два месеци од годината РКЕ издаде 88 лиценци. Но, овие компании не добиваат субвенции од државата и продаваат на слободен пазар. Тука нема никаков конфликт на интерес. Во моментот ниедна од тие фирми нема поднесе барање за субвенционирање на струја и продаваат на слободен пазар. Цената ја определува пазарот. Нашиот пазар е поврзан со берзата ХУПЕКС, ако мислите дека овие компании имаат влијание со берзата, не можам тука да ви помогнам, одговори Бислимовски на новинарско прашање.
Тој смета дека доколку некои од овие компании, кои се поврзани со владини функционери би користеле субвенции од државата, тогаш не би било во ред. Бислимовски вели дека државата имаше концепт на премиум тарифа, но за многу мал број на фотоволтаици.
Според медиумски информации во бизнисот со енергија влегува и синот на лидерот на ДИУ, Али Ахмети. Претходно фирма за продажба на струја основаше и синот на поранешниот премиер, Зоран Заев.