Недоличните коментари за изгледот на пратеничка од ВМРО ДПМНЕ од страна на премиерот Димитар Ковачевски предизвикаа бура реакции во јавноста, по што тој телефонски и’ се јавил и и’ се извинил. Како што рече Ковачевски денеска на прес конференцијата, се извинил и на претседателката на Унија на жени.
Во исто време, како што изјави Ковачевски, тој и неговото семејство, се „под директен напад“.
– Посебно мојата сопруга и тоа е под директна наредба на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. До таква атмосфера дојде, бидејќи немајќи никакви аргументи во расправата во собранието ВМРО – ДПМНЕ во однос на реконструкцијата на Владата и со оглед на тоа дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата а излезе дека Владата има зголемено парламентарно мнозинство од 65 што се потврди вчера, по негова наредба дискусиите на пратениците од ВМРО -ДПМНЕ беа исклучиво насочени против мојата сопруга“, рече Ковачевски.