Ова се бруто износи и се прикажани во даночните пријави за 2021 година. Скопјанецот со највисоката плата пријавил 244,2 милиони денари за 2021 година и во најголем дел примањата му се од плата и дополнително примања од странство по основ на други лични примања. Велешанецот пак, остварил дивиденда од 203 милиони денари во дејноста трговија на мало во неспецијализирани продавници.
Меѓу највисоко остварени приходи пријавени во 2021 година се и на тетовчанец, со 171, 3 милиони денари во „други доходи“, додека негова сограѓанка остварила 155,1 милион денари од компании кои работат со компјутерски мрежи, социјални и видео платформи.
Највисоката годиш бруто плата ја остварил жител на Скопје со 122,3 милиони, а платата е остварена во дејност трговија на преработки од тутун.
Овие податоци ги соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која кажа дека највисоко рангирани дејности по бруто плата се дејностите преработување на метални производи, одгледување на свињи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање.
Во 10 топ по остварени приходи се адвокати, нотари, угостители, трговија со жито, трговија на мало, малтерисување и производство на амбалажа од хартија.
Земјоделец од Ресен остварил 12.6 милиони денари, што е најголем приход од земјоделска дејност, скопјанец од закуп и подзакуп со остварени 37 милиони денари, од авторски права скопјанец остварил 22 милиони денари, додека од игри на среќа, исто така жител на Скопје инкасирал 41,1 милиони денари од Државна лотарија. Негов сограѓанин од обложувалници заработил 31,3 милиони.
Најмлад милионер е осумгодишно дете, со над еден милион денари семејна пензија, највозрасниот милионер има 96 години и врз основа на пензија од странство пријавил 1,1 милион денари.
Лукаревска рече дека расте бројот на милионери во првата група со највисок праг на остварени приходи и во неа во 2021 година влегле 25 граѓани, кои оствариле приход од над 100 милиони денари.
Во втората група се 49.902 граѓани, кои оствариле над 1 милион бруто доход, додека најголемиот дел од граѓаните се во третата група – односно 623.000 граѓани оствариле приход до 100.000 до 1 милион денари.