Основниот суд од Охрид одлучува дали и каква мерка ќе ми изрече на битолчанецот, кој е осомничен за кривично дело – Тешка телесна повреда на секретарот на Бугарскиот клуб од Охрид, Христијан Пендиков. Осомничениот, кој од нападот на 19 јануари беше недостапен за органите, сам се пријави пред Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Охрид до надлежниот суд поднесе Предлог за определување мерки на претпазливост против едно лице од Битола за кое е поведена постапка за кривично дело – Тешка телесна повреда по член 131 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик. На 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле, соопшти ЈОРМ.
Делото се однесува на физичкиот напад на Пендиков, кој веднаш потоа со државен авион на Бугарија, беше префрлен на лекување во Софија. Во моментот е таму, обезбеден со стан од бугарската влада.
Пендиков, за продолжување на постапката против неговите напаѓачи, ќе треба да се појави во Охрид, пред основниот обвинител, каде според информациите, ќе треба да изврши препознавање на осомничените напаѓачи. Со цел да му достави покана на Пендиков, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.
Во исто време, Обвинителството му предложи на судот на осомничениот битолчанец, да му ги определи следните мерки – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за употреба на лична карта за преминување на државна граница, како и обврска да се јавува повремено – на секои 7 дена на определено службено лице или кај надлежен државен орган.
Обвинителството најави дека е во тек е собирање докази за проверка на наводите изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот.
-За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот (Пендиков) да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок. Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште, стои во соопштението.