Осомничени за издавање лажни универзитетски дипломи, уапсени во вторник на територијата на Босна и Херцеговина, 11 се пренесени во Обвинителството на Босна и Херцеговина, каде ќе бидат сослушани, пренесува новости.рс.
По тригодишна истрага, Обвинителството на Босна и Херцеговина ја нареди операцијата „Кластер“ во која беше разоткриена најголемата мрежа на издавање лажни дипломи во земјава.
Според податоците од истрагата, поединечни дипломи се плаќале во опсег од 10.000 до 60.000 марки (од 5.000 до 30.000 евра) , а клиентелата доаѓала од БиХ, Србија и Хрватска. Истрагата досега открила десетици лажни дипломи.
Во акцијата се пронајдени и одземени околу 165.000 КМ( над 82.000 евра), а се сомнева дека групата што ги продавала дипломите и во која учествувале и сопственици и професори на приватни факултети заработила неколку стотици илјади евра.
Истражителите на СИПА, кои ги уапсија осомничените, меѓу другото, запленија документација од приватните факултети во Бања Лука, поточно од Паневропскиот универзитет „Апеирон“, Универзитетот за бизнис студии (УПС), Независниот универзитет во Бања Лука (НУБЛ) и Универзитетот за бизнис инженерство и менаџмент ПИМ.
Целата шема на издавање лажни дипломи беше разбиена кога тројца тајни истражители на СИПА се запишаа на приватни факултети под лажни имиња и почнаа да бараат начин да купат диплома.
Новак Топиќ е лажниот идентитет на првиот од тројцата тајни истражители на Државната агенција за истраги кои ја добија првата лажна диплома на 18 јули 2021 година. Дипломата беше од Независниот универзитет во Бања Лука (НУБЛ). Таен истражител на СИПА со кодно име Санди ја презел дипломата издадена од НУБЛ на подрачјето на Бања Лука, од еден од уапсените во акцијата, на име Новак Топиќ, со која се стекнал со звање дипломиран економист со 240 ЕКТС поени. Тоа беше прва од трите дипломи што ги купија инспекторите, а овој пакет дипломи беше платен за околу 50.000 марки (25.000 евра)!
Министерот за научен и технолошки развој, високо образование и информатичко општество на РС Жељко Будимир рече дека секоја негативна појава во високото образование треба да се санкционира, а ресорното министерство стои на располагање на сите надлежни органи во истражниот процес.