Претседателот Стево Пендаровски, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје присуствуваше на настанот во чест на припадниците на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија кои учествуваа во хуманитарната спасувачка операција по катастрофалниот земјотрес во Република Турција.
Станува збор за армиски тим за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили, водачи и кучиња обучени за трагање, кои беа ангажирани во Кахраманмараш.
На настанот припадниците на Армијата споделија дел од своите искуства во извршувањето на задачите. Тимот беше ангажиран во пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеани лица. Својата подготвеност и пожртвуваност во давањето помош македонскиот армиски тим ја покажа и со успешната акција на извлекување на 5-годишно дете од под урнатините.
Претседателот Пендаровски им честиташе на армиските припадници за пожртвуваноста и покажаната професионалност и вложените надчовечки напори, истакнувајќи дека ангажманот на лице место беше во ранг на најпрофесионалните достигнувања што може да се очекуваат.
„Македонскиот народ, сите македонски граѓани и помогнаа на Турција и ќе и помагаат и во иднина во било каква ситуација не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство, пријателството меѓу нашите народи трае со векови наназад и ќе трае со векови нанапред, така што сакам да ги уверам сите турски граѓани преку нивниот амбасадор тука и преку јавноста дека сме помагале и ќе помагаме“, рече претседателот Пендаровски.
Министерката Петровска ја поздрави пожртвуваноста и подготвеноста на припадниците, при што во свое име, во име на министерството, Армијата и граѓаните, им се заблагодари на припадниците на баталјонот за специјални намени. „Во една ваква комплицирана и навистина тешка задача: извлекување и спасување на она што можеше да се спаси, одлучивме дека треба да ги испратиме најдобрите, најобучените, најподготвените. Ви благодариме што го спасивте младиот Сулејман и што му дадовте шанса да порасне во успешен млад човек. Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да им помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја.“ – рече Петровска.
Министерката Петровска најави дека сите припадници вклучени во хуманитарната спасувачка операција ќе бидат наградени со исплата од една просечна плата, потенцирајќи дека она што армиските припадници го имаат во своите срца е непроценливо, и дека со секоја завршена мисија не прават горди.
Амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, г. Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност кон целото македонско општество кое веднаш реагираше да помогне на турскиот народ и го истакна ангажманот на припадниците на Армијата кои храбро се вклучија во активностите за заштита и спасување.
„Храбри чеда на македонската армија, вие пред скоро време се вративте во земјава, но вашата пожртвуваност и огромна солидарност е врежана длабоко во меморијата на турскиот, народ кој ќе се сеќава вечно.“
Армискиот тим за заштита и спасување, кој учествуваше во хуманитарната спасувачка операција, беше во состав од 60 припадници од Баталјонот за специјални сили , и 2 службени кучиња обучени за трагање.
Фото: Вангел Тануровски