Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) деновиве прави анализа на тоа дали е можно да се врати евтината тарифа преку ден, која беше укината со поскапувањето на струјата и воведувањето на блокови. Доколку овие анализи покажат дека воведувањето на евтината тарифа ќе нема последици по стабилноста на енергетскиот систем, тогаш најрано би се вовела од 1 јули, кога РКЕ се втор пат оваа година се навраќа на барањата и пресметките за нови цени.
Како што објасни Марко Бислимовски, првиот човек на РКЕ, тие два часа евтина струја преку ден, чинат 16 милиони евра помал приход. Со оглед на тоа дека најавите се дека државните енергетски капацитети во текот на 2023 година ќе го зголемат производството за 20-30 отсто, очекувањата се дека ќе има доволно струја.
Друг момент е што повеќе компании веќе имаат поставено свој систем на фотоволтаици, преку кои обезбедуваат струја, со што нивната потреба од струја на регулиран пазар особено ќе паѓа со доаѓањето на сончевите денови.
-И она што е најинтересно, на берзите на електрична енергија, како што е ХУПЕКС , цената на електрична енергија кога работат фотоволтаците е поевтина, сега во периодот од 9-10 часот до 13 -14 е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Како ќе се зголемува денот, тој тренд ќе продолжува. Факт е дека цената на електрична енергија во тој дел од денот е поевтина, и ако била 116 евра за мегават час, во тој период е од 78 до 85 евра, аа разлика од порано кога беше во тој дел од денот најскапа, рече Бислимовски во ТВ гостување.
Како што кажа првиот човек на РКЕ, евтината струја во текот на денот би се вратила доколку нема да има последици по целокупниот енергетски систем.