Макфестовската „Огледало“ на Полина Тасева доби видео запис, кој денеска премиерно беше прикажан на youtube каналот на младата пејачка. Спотот се снимаше под режисерската палка на Владислав Гавриловски, а темата е плод на соработката на Полина и нејзиниот партнер, Иван Петровски. Оваа песна е само една од неколкуте во поп стил во досегашниот репертоар на Полина, на која сепак операта ѝ е прва љубов.
Оваа млада дама донесе освежување на домашната музичка сцена, вљубеничка во класичната музика која балансира со творењето и интерпретацијата на забавна музика. Публиката веќе два пати ја виде на фестивалската сцена во Штип, каде настапи на Макфест и ланската и оваа година. Музичките амбиции, раѓањето на љубовта кон музиката воопшто, важноста на поддршката од најблиските се дел од прашањата на кои продискутиравме со Полина.
„Моето музичко образование започна од најрана возраст, најпрво одев нижо музичко, по 7 години се запишав во средното музичко училиште во Скопје отсек оперско пеење. Потоа продолжив на Факултетот за музичка уметност, а по Факултетот ги завршив и магистерските студии. Класичната музика е моја прва љубов, ја негувам и работам на својот личен репертоар. Постојано слушам музика и инспирација ми се многу артисти, песни, композиции, текстови. Забавната музика ме поврзува на друг начин, сакам да ја изведувам и да ја создавам. Сосема различен стил на интерпретирање од операта, затоа ми е предизвик да бидам успешна и во двата стила“, вели Полина за Македонски медиа сервис.
Со разговорот ја вративме назад низ времето, односно во детството кога всушност и почнува нејзината љубов кон класичната музика. На детски фестивали не настапувала, но сепак ги знаела напамет сите песнички од Златно славејче.
„Како мала не сум настапувала на детски фестивали, немав особена желба, иако ги знаев песничките од златло славејче. Во меѓувреме посетував часови по класичен балет шест години и тој период од моето детство беше исполнет со многу ангажмани на тоа поле, гостувања во детски емисии, концерти, претстави, фестивали за деца надвор од државата и слично. Навистина убав период од детството“, ни раскажа Полина.
Поддршката од родителите била клучна талентот кај малото девојче да почне да се развива.
„Како што споменав во сличен период сакав две професии две уметности. Со тек на времето се одлучив да го продолжам
музичкото образование. Мојот татко е музичар и на некој начин имав поголема поддршка да продолжам со музиката и моето понатамошно образование. Навистина поголема беше страста за музиката и да се одлучам да изучувам оперско пеење. Желбата за опера почна да се разгорува во периодот кога ја запознавав класичната музика подобро на начин што често ме носеа моите родители на претстави во МОБ и изведувањето на пејачите и ансамблот ме воодушевувше. Сакав да ја доживеам и јас таа сцена“, додава Полина.
Поддршката од родителите ја имам од самиот почеток на моето развивање и сум среќна за тоа.
„Татко ми е дипломиран флејтист, мајка ми исто така музикална но и борбена личност, и можам да кажам дека тие неколку фактори се клучни за мојот успех и истрајност во професијата. Недоволната поддршка од родителите за едно дете да го избере својот пат и да му се скрати желбата за тоа што стане кога ќе порасне е разочарување верувам, искрено сум го немала тој проблем и сум среќна за тоа“, додава оваа дама во интервјуто за ММС.
Четири години работела хонорарно во Македонска опера и балет, па ја прашавме колку помладите покажуваат интерес за класичнта музика?
„На претставите во Опера доаѓаат сите генерации. Можеби интересот е поголем од повозрасната публика. Верувам со тек на времето може да се привлече вниманието и на помладите генерации с збогатување на репертоарот на куќата со оперети, мјузикли и друго“, вели Полина.
Таа има огромна почит кон нејзините поискусни колеги од земјава кои веќе направија интернационални кариери како Ана и Игор Дурловски, Симон Трпчески, Благој Нацоски, Елена Голомеова и други и додава дека најважно е колегите да се поддржуваат во музиката и да соработуваат.
„Ние сите учиме едни од други и сe поддржуваме, заедно ја делиме сцената и емоцијта додека настапувме. Кај нас има многу успешни и одлични оперски пејачи кои се доследни во својата работа и се воодушевувам на нивното достигнување“, додава талентираната скопјанка.
Сепак, таа не ја занемари и поп музиката па ланската година за првпат ја видовме на макфестовската сцена, а годинава реши повторно да се претстави пред штипската публика.
„Фестивалските настапи можат да бидат отскочна даска за секој пејач, со тоа што излегуваме со своја и единствена интерпретација и се претставуваме пред публиката. Минатата година имав шанса да се претставам пред македонската јавност за прв пат на Макфст. Насловот на песната беше „Сѐ се врти во круг“ на Роберт Билбилот и текст на Робин Зимбаков“, ни изјави Полина.
По минатогодишната награда за Најдобар дебитант, таа повторно блесна на сцената, но овојпат со „Огледало“ – тема на чие создавање Полина работеше со Иван Петровски.
„Иван Петровски е мојот партнер во работата. Како тим заедно работиме на песни. Тој е музичар, долго време работи на создавање музика во повеќе стилови, така што го разбира мојот
сензибилитет и можеме добро да функционираме при создавање на музика, текст и аранжман”, искрена е Тасева.
Периодов таа настапува во Битола за време на викендите, каде заедно со уште пет пејачи и 15 танчери и’ приредуваат на публиката автентични кабаре настапи.
„Шоуто е ново во нашата земја. Има голем интерес од страна на публиката и се прави добра забава. Екипата е соодветно одбрана и се радувам што сорботувам со професионалци. Се одлучив да го
работам тоа бидејќи сцената е моето секојдневие, а колку почесто сум на сцената сум посреќна. Моето работно време е од 22 часот, но кога се работи со љубов и желба се занемаруваат сите работи, важно е да се ужива во тоа што не прави исполнети“, додава таа.
Освен видео записот за „Огледало“, Полина има спотови и за три други теми, а на сите млади со музички амбиции им порачува да ги следат своите соништа.
„Треба секој да оди по својот пат вредно и темелно, важна е поддршката и добриот тим. Реалната слика за секој артист е кога создава искрено и интерпретира од душата тогаш впечатокот е
загарантирано траен“, заклучува моќниот вокал.
Вања Мицевска