Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) соопшти дека во претстојните денови постепено ќе се враќаат во функција системите кои неодамна беа хакирани и дека процесот одзема дополнително време, но техничките тимови работат постојано.
– Фондот потсетува дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при кибер-нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Фондот денеска испрати и известување до сите јавни и приватни здравствени установи со детални упатства за проверка на осигурениците преку Мој термин, со што ниеден осигуреник не смее да биде вратен од правото на здравствена заштита. Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во јавните здравствени установи, како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, информира ФЗОРСМ.
Во известувањето нагласува дека не е загрозено правото на здравствена заштита на граѓаните и непречено се одвиваат лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето рецепти од матичните лекари и издавањето лекови, така што овие здравствени услуги граѓаните може да ги користат без застој. Исто така, усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала.
– Подрачните служби на Фондот во континуитет ги примаат барањата. Покрај ова, подрачните служби се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои тие може да се обратат и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита, се наведува во соопштението на ФЗОРСМ.