Бројот на загинати во силниот земјотрес што рано во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и северна соседна Сирија се искачи на над 16.000, а десетици илјади се повредени во двете земји.
Се стравува дека бројот на жртвите не е конечен, додека спасувачите вложуваат големи напори да се обидат да извлечат уште преживеани од под урнатините на неколку градови директно погодени од катастрофата на многу студено време.
Турските власти соопштија дека бројот на жртвите во Турција се искачи на 12.873 лица загинале, додека во Сирија се соопштува за 3.162 загинати во потресот во понеделникот од 7,8 степени по Рихтеровата скала. Вкупниот број достигна 16.035.
Светската здравствена организација соопшти дека околу 23 милиони луѓе во Турција и Сирија се директно загрозени од земјотресот.
Во одредени региони на Турција, незадоволството расте бидејќи луѓето остануваат заглавени, без помош од спасувачи или војска.
Турскиот сервис на Би-Би-Си јави дека гневот расте и поради „данокот за земјотрес“ што турската влада го воведе пред повеќе од две децении по силниот земјотрес во 1999 година, во кој загинаа повеќе од 17.000 луѓе во северозападна Турција.
Прашањата за овој данок се поставуваат секогаш кога има земјотрес во Турција, но владата никогаш јавно не објасни како се трошат парите.
Ердоган на критиките одговори дека имало одредени проблеми во првичната реакција, но дека сега спасувачките операции се многу подобро организирани.
„Невозможно е да се биде подготвен за волку голема катастрофа.
„На почетокот имаше проблеми на аеродромите и на патиштата, но денес работите се подобруваат, а утре ќе биде уште подобро“, рече Ердоган.
Ги мобилизиравме сите наши ресурси, државата си ја врши работата“, рече турскиот претседател.
Во Турција е прогласена вонредна состојба во 10 провинции за три месеци, а помош пристигнува од целиот свет.