Скромен, позитивен, тивок, насмеан, човек со големо срце, ете таков беше маестро Милан Завков, кој почина вчера вечерта во својот дом.
Негови блиски велат дека срцето му откажало, додека бил во своето студио. А ништо не наговестувало дека ќе се случи најтажниот момент, дека по еден миг него веќе ќе го нема. Нему музиката му беше живот, му беше се, па и последните мигови од животот ги помина со музика.
-Се пожалил дека го стега нешто во градите, а тогаш веројатно би првиот удар. Потоа се случил и вториот. Брзата помош стасала, но само контатирала смрт, велат негови блиски, кои се подготвуваат за неговото последно испраќање.
Неговиот музички опус е голем, не можат да се избројат песните, без кои не поминува ниедна веселба, а ги пееше цела естрада. Песни кои длабоко ќе бидат запишани во нас, во македонштината, во битието наше.
Оттаму и простувањата со Милан на социјалните мрежи немаат крај. Пејачи, музичари, љубителите на македонската песна ги искажуваат најубавите зборови за збогум со маестро Завков. Бидејќи, како што велат, немаше кому не му пружил рака.
Татјана Лазаревска вели дека нејзината кариера се темели токму на умешноста и пружената рака од Завков.
-Со река солзи во очи го пишувам овој пост и неможам да верувам. Ах бе Мице!!!!….Беше и ке бидеш огромен дел од мојот и животот на моето семејство Лазаревски. Првенствено како наш најблизок и најискрен пријател, и како мој музички гуру, човек и уметник кој ме воведе во музичките и пеачките води. Засекогаш ке ми остане во најубав спомен денот кога пред 27 години решив да станам пеачка. Од како им соопштив на моите родители за мојата одлука, прво што направи мојот татко Стефан (кој ти толку го сакаше и почитуваше како свој татко и во негова чест го компонираше и му го посвети најубавото “Стефаново Оро”) го зема телефонот, ти се јави и ти рече: Мице, стави по едно кафе доаѓаме до Жане(мајка ми ) и Тања , сериозна е работата”. Кога стигнавме во твојот дом татко ми ти рече вака:
” Мице, Тања сака да почне да пее, те молам слушни ја и најискрено без лутење кажи дали ја бидува или не, да не се срамиме ни јас ни ти, зошто сите знаат колку сме блиски!”
Од тој ден ти стана мојот музички водич. Заедно со тебе пливав низ музичките води со гордо крената глава. Првиот фестивалски настап, првиот албум, првиот хит “А бре чичо” ти ги должам токму тебе маестро Милан Завков. Низ овие 27 години од мојата музичка кариера имавме одлична соработка на разни семејни веселби, телевизиски проекти, новогодишни настапи… А во најдлабоко сеќавање ке ми остане нашата заедничка турнеа во Австралиа во 2013. Ти , Новица Василевски и јас направивме прекрасни концерти и дружба за паметење. Има уште многу да се пишува за нашите заеднички спомени ама рацеве ми се тресат од тага и неверица за твоето ненадејно заминување. Единствено што ме теши во овој момент е што сега сте заедно со твојот верен другар и пријател Џанго (мојот татко Стефан). Сега свирете и играјте во царството небесно, летајте со ангелите, а ние засекогаш ке ве чуваме во нашите срца и нашите спомени. Почовај во мир маестро Милан Завков, напиша Тања.
Сузана Спасовска, која заедно со него е дел од Ансамблот „Танец„ ја имаше можноста повеќе да се друѓи со него. И таа во нејзината објава напиша:
-Миланче, душо моја, другар мој, колега, каде замина одненадеж? Нели денес ќе си пиевме кафе на нашата клупа како и секое утро? Како без тебе сега? Со кого од срце ќе се смеам и ќе си кажуваме спомени? Мики, нели заедно ќе си одевме во пензија? Каде побрза Мики, каде? Незнам ни како да помислам, дека веќе нема да те видам… Премногу ќе ми недостигаш! Бог нека ти ги отвори рајските порти драг, Маестро Милан! Почивај во мир! Слава ти, напиша Сузе.
Зошто, за запраша Ленче Кукиќ во својата објава.
-Животот е многу убав ама само кратко трае. Со неверување ја прочитав веста за прекрасниот човек со кој имавме прекрасна соработка.. Прекрасни песни, аранжмани и убаво дружење.. Едноставно прашање:Зошто?? Почивај во мир прекрасен човеку, додаде таа.
Огнен Неделковски осврна на нивната соработка:
-И сега, Милан, кој ќе ја прати нашата нова песна на конкурсот на Валандово? Кој ќе ми ја прати твојата нова серенада, за да напишам текст за Битола? Планови, желби, музички соништа… – сѐ прекинато за миг. Огромна загуба за македонската музика. Изгубивме феноменален музичар, голем автор, прекрасен човек. Никогаш нема да сфатам зошто најдобрите најбрзо си одат? Почивај во мир. Вечна слава, Милан Завков, напиша Неделковски.
„Лазарополе, таму најгоре“ е дело на Завков, а ја отпеа Наум Петрески.
-Гледам и не си верувам со очиве дали е можно да ни почина најголемиот наш Милан Завков.Нека ти е светол патот пријателе ке бидеш секогаш во нашите секавања запаметен како скромен и правичен човек а како музичар стамен,стабилен и виртуоз од светски ранг.Прерано не напушти за жал.Сочувство до цела фамилија Завкови за нивната голема загуба.Македонија сега е уште посиромашна, напиша Наум.
Ова се само дел од пораките. Голема е бројката на пејачи и музичари кои се простуваат со големиот музичар. Од сите страни на светот пристигнуваат пораки со сочуство.
А има и зошто. Покрај тоа што важеше за човек со големо срце, зад него остави песни за незаборав. Зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.