Со 20% помалку вработени во споредба со пред две и пол години во моментов функционира Штипската клиничка бролница. Недостиг на кадар од сите профили (медицински и немедицински ) има буквално сите оддели тврди директорот Ален Ѓеоѓијев. Без нови вработувања, тешко се организира работатата. Тој се надева дека институциите ќе излезат во пресрет и ќе бидат одобрени новите вработувања за што барањето било испратено во текот на денешниот ден.
„За две години по разни основи, штипската Клиничка болница остана без седумдесетина вработени, со отварањето на новата приватна болница во неа заминале 15 вработени и неколку што работеле со договор на дело, овој месец имаше и нови заминувања во пензија на разни профили. Недостаток на кадар има буквално во сите оддели. Најдрастично е на одделот за анестезија, каде за некој месец ќе останеме без уште еден анестезиолог и одделот ќе функционира само со тројца анестезиолози за цела болница. Тоа значително ќе го отежне процесот на изведување на оперативните процедури. Потоа има потреба на ортопедија, на одделот за очни болести, инфективни болести, така да имаме оддели каде сериозно фали докторски кадар а што се однесува до сестринскиот и болничкиот кадар, потреба има буквално на сите оддели,“ вели Ѓеорѓијев.
Условите во болницата се тие, некаде подобри некаде полоши. Тоа еден ден ќе се смени. Ќе влеземе еден ден во новата Клиничка болница, но кадарот е тој што ја дава здравствената услуга и ние мораме да го имаме, додава директорот.
Во болницата повеќе од две години нема ниту едно ново вработување, додава Ѓеорѓијев, па со новиот оглас за кој ќе чекаме одобрување планирано е да се вработат 50 лица од кои 15 доктори, по 10 медицински сестри и болничари, 7 хигиеничари, физиотерапевти и друг потребен персонал.
Оваа година штипската Клиничка болница ќе функционира со буџет од 620 милиони денари од кои 560 милиони е буџет даден од Фондот за здравствено осигурување и 60 милиони денари што болницата планира самостојно да ги обезбеди.
Во план е во текот на годината да се обезбедат и неколку апарати потребни во поедини болнички оддели и кои што значително треба да го подобрат квалитетот на лекување на пациентите.
„Во делот на интерните болести планираме да обезбедиме апарат за гастроскопија и колоскопија, бидејќи од скоро имаме специјалист-гастроентерохепатолог, за некој месец ќе имаме уште еден специјалист. Во одделот за интерни болести, планираме да обезбедиме апарат кој сме го немале досега а кој ќе го снима задниот сегмент на окото. Со овој апарат ќе се прави дијагностика на сите болести коишто се на задниот сегмент на окото, пред се’ на оние промени кои настануваат кај луѓето со дијабет. Така ќе можеме не само да ги дијагностицираме туку и да ги третираме тие промени. Во план е и обезбедување на апарати во хирушкото и кожното одделение, “ додава директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев.