Се менуваше власта се ветуваа и презентираа проекти но и по седум години откако доктор Жан Митрев ги подари четирите куќи на Општина Штип не е направено ништо. Ниту реконструкција ниту изградба на Етно куќа. Најверојатно кога ќе помине доволно време и од нив ќе остане само прашина, општината ќе може да ги продаде како плацеви.
Денес од куќите има останато само купишта смет, трули, даски и по некој спомен зачуван меѓу урнатините од поранешните сопственици. Имаше обид да се исчисти просторот, почнаа и да се рушат куќите, но по интервенција на Заводот Музеј, со образложение дека станува збор за заштитено културно богатство, рушењето беше прекинато. Глетката тогаш беше страшна, уште повеќе опасна по животот на граѓаните коишто тука живеaт и секојдневно поминуваат покрај куќите. Поради тоа мораше да се исчисти барем делот кој сам се сруши и кој за среќа не повреди никој.
Работите и понатаму се статус кво барем што се однесува до намерите на локалната власт да преземе нешто во врска со срушените куќи. И на куќата од пакетот донирани, којашто остана несрушена, забот на времето веќе си го прави своето. Таа секој момент може да се сруши, а жителите во куќите во непосредна близина на рунираната куќа стравуваат за својот живот но и за нивните куќи коишто можат да настрадат доколку дојде до пропаѓање.
„Почнаа да се рушат камења од долниот дел на ѕидовите на куќата, вушност се распаѓа целата куќа. Има мувла, влага, бубачки и глувци што се пренесува на нашата куќа. Поминуваме покрај куќата со страв, посебно кога е дождливо и дува силен ветер,“ вели Снежана Костадинова којашто живее во куќата што е лепенка со куќата во распаѓање.
Во моментов барем според она што го велат институциите, решение може да има само за веќе срушените куќи.
„ Може да се собере и исчисти сметот, за тоа Општината има конзерваторско одобрение и проект,“ вели директорот на Заводот Музеј Штип, Мите Штерјов, куќата којашто се уште не е падната не смее да се чепка иако претставува потенцијална опасност по животот на луѓето.
„Така е за сите куќи коишто се под заштита, постои закон и правила, што важат и за оваа куќа, без разлика“ додава Штерјов.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов, вели дека контактирал и со преставници од Управата за заштита на културното наследство во Скопје, од каде му било посочено дека и за собирање и расчиствување на шутот, камењата и гредите распаднати од куќите мора да има дозвола затоа што тие биле под заштита.
Кога ќе се расчити тој простор можно е истиот како посебни парцели да се понуди и на продажба. Куќата која се уште и одолева на времето ќе се чека сама да се сруши, доколку во меѓувреме не се најде некое друго решение.
Штипско Ново Село е заштитно подрачје со особено историско-културно наследство што значи дека секој што планира да руши или гради мора да има дозвола од Заводот Музеј.
Во списокот на културното наследство кое е под заштита на државата во Македонија има 1.230 објекти од кои 60 се во Штип. Во списокот на Министерството за култура се ставени и 13 објекти на улицата Крсте Мисирков во Ново Село, меѓу кои спаѓа и срушената куќа на Зрнцеви.
Во моментов штипската локална самоуправа единствено може да интервенира со расчистувањето на урнатите на куќите , кој простор од ден на ден прераснува во вистинска депонија, затоа што жители од околните куќи тука се ослободуваат од градежниот шут по реновирањето на нивните куќи.
Законот за заштита на културните споменици и ги врзува раците на општината, па интервенција на единствената куќа од групата донирани, не е можна, и покрај тоа што истата е опасна и по животот на жителите и по нивните куќи.