Прекинот во течниот говор односно пелтечењето не е нешто за кое постои лек. Сепак, логопедите како професионална фела со својот стручен пристап може да придонесат тоа да се намали.
Течниот говор подразбира природен говорен тек без напор, без неволни прекини, повторување и продолжување на јазичните единици. Едно нормално зборување всушност содржи редослед во исказот, а личноста има соодветна брзина на зборување проследено со ритам и течност. Кога ваквиот начин на говорење е нарушен личноста почнува да пелтечи. Како тоа влијае врз комуникацијата во секојдневието особено кај децата, што да преземат родителите и каква е улогата на логопедите ММС побара одговори од Светлана Трнинкова, мастер логопед.
-Пелтечењето е нарушување на течноста во говорот, а може да се нарече и нарушување во комуникацијата кое што влијае на многу аспекти од животот на лицето кое пелтечи. Дисфлуентниот говор во еден период на детскиот живот се карактеризира како обична нормална дисфлуентност и права или патолошка дисфлунетност на говорот. Пелтечењето е, значи, нарушување на течноста во говорот, а може да се нарече и нарушување во комуникацијата на ритамот и темпото на говорот. Лицето точно знае што сака да каже, но во исто време е и неспособно тоа да го каже, заради повторување, продолжување или „запнување“ на некој глас, објаснува Трнинкова во интервју за Македонски медиа сервис.
– Дисфлуентниот говор кај децата може да се појави во повеќе форми и облици, меѓу кои е и токму пелтечењето. Потоа тука спаѓа брзоплетиот, како и патолошки спориот говор. Многу заболувања на мозокот можат во себе да ги содржат горенаведените форми на дисфлуентен говор и тука спаѓаат афазиите, деменциите, алцхајмеровата болест, спастичните дизартрии, додава таа.
Кои однесувања на детето всушност може да им сигнализираат на родителите дека тоа би можело да има потешкотии во однос на говорот?
-Родителите треба да се добро информирани од страна на логопедите со основни информации се со цел да знаат кога и во кој период од детскиот живот да побараат помош. Децата кои пелтечат имаат нормална интелигенција. Нервозата не е причинител за пелтечење како примарен фактор,тие конституцуски не се нервозни, исплашени, вознемирени или срамежливи .
Многу родители мислат дека пелтечењето ќе се добие со слушање или имитација на друго дете. Пелтечењето не може да се добие преку имитација или слушање на друго лице кое пелтечи. Родителите кои имаат деца кои пелтечат не треба да ги советуваат своите деца од типот длабоко да вдишат пред да почнат да зборуваат или пред да зборуваат добро да размислат што треба да кажат. Ако овие реченици често им ги повторуваат родителите на своите деца може само да се влоши флуентноста на говорењето. Сета оваа сосотојба се доведува до едно свесно ниво. За да се појави пелтечење потребни се и средински, но и наследни фактори. Повеќе од 5% од децата поминуваат на перод на пелтечење кое трае повеќе и од 6 месеци. Кај повеќето од нив пелтечењето може и спонтано да исчезне, кај многу деца е потребен соодветен логопедски третман, но кај 1% пелтечењето останува за цел живот.
Кога родителите да побараат стручна помош?
-Родителите пред сѐ треба да побараат стручна помош кога имаат во семејството лица кои пелтечеле. Освен тоа тие треба да се информирани на која возраст почнува сериозното пелтечење и кои временски периоди се критични во дескиот развој за развивање на пелтечењето.