Ние и сега имаме пристап до дел од европските фондови, конкретно ете имаме до програмата „Медиа“ и македонски филмови имаат добиено средства од оваа програма. Проблемот е што не сме доволно компетитивни, затоа што овие фондови имаат критериуми. Пример тоа е публиката, а за копродукција е потешко со европска земја заради трошоците за правење филм, едноставно ќе ве чини повеќе да ја направите постпродукцијата. Мислам дека и сега постојат можности, но обемот на филмска продукција и финансиите кои ги имаме, не се конкурентни, истакна во емисијата „Стадион“ на Канал 77 режисерката на македонскиот филм „Преекспонирано“ Елеонора Венинова.
На прашање зошто филмот се промовираше во странство, во Египет, а не дома, вели дека повеќето режисери го прават тоа затоа што филмските фестивали имаат критериуми и мора таму филмот да ја има светската премиера. Сепак според неа добро е што за филмот се слуша пред да дојде во нашите киносали и така се привлекуваат гледачи.
Тој дигитален живот или достапноста на се, влијае на се, а важи и на филмовите. Позитивно е тоа што ако заврши нашиот филм на некоја дигитална платформа ќе го гледаат луѓе што не го ни барале, но од друга страна кога ќе го ставите филмот таму тој не ги исполнува критериумите за одење по фестивали. Сега дури и Нетфликс мора да ги чува филмовите неколку недели во кино, за потоа да може да конкурира за некои награди и фестивали, вели Венинова.