Денеска навршуваат пет месеци од најголемата несреќа во македонската историја, во која на 16-ти март, во дискотеката „Пулс“ во Кочани настана пожар при настап на популарното поп дуо ДНК, при што животот го загубија 59 лица, 147 беа тешко повредени, а 211 беа хоспитализирани. Денови по несреќата починаа уште 4 лица, само часови по несреќата почина возач на кочанската итна медицинска помош, а наскоро и тројца повредени од дискотеката – по еден од Кочани, Оризари и Пробиштип.
Обвинението заглавено во процедура – пресуда најверојатно за неколку години
Случајот и натаму не е подготвен за почеток на главната расправа. Иако обвинителниот акт беше поднесен уште на 13 јуни годинава, документот сè уште ја минува фазата на проверка во Основниот кривичен суд – Скопје, каде што предметот беше префрлен од Кочани по наредба на Врховниот суд.
Одбраната вложи голем број приговори. Според извори во судот, 39 адвокати кои ги застапуваат 34 обвинети реагирале на обвинителниот акт, а дополнително се чека и истекот на законскиот рок од осум дена за евентуални нови приговори доставени по пошта.
Додека не заврши оваа процедура, процесот не може да премине во следната фаза. Најнапред, судскиот совет треба да донесе одлука дали обвинението ќе биде прифатено, делумно изменето или пак вратено на обвинителството за доработка. Потоа ќе се закаже подготвително рочиште, на кое странките ќе ги усогласат доказите и ќе се расчистат процесните прашања.
Правниците предупредуваат дека вакви обемни постапки, со десетици обвинети, голем број адвокати и стотици сведоци, речиси секогаш траат долго и често се одложуваат поради формални барања и приговори.
Обвинението ги товари 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Во него се наведени повеќе од 1.440 материјални докази и искази на 283 сведоци. Како клучен наод, обвинителството посочува дека 13 години наназад имало серија системски пропусти и коруптивни дејствија кои завршиле со катастрофалниот пожар.
Денеска во 18 часот ќе се одржи 18-тиот „Марш за ангелите“, кој воедно е и одбележување на пет месеци од страшната трагедија која го погоди Кочани.
Каровски Мартин