Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денес беше презентирана новата набавка на 29 лесни оклопни возила JLTV за македонската армија. Настанот го посетија премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорката на САД Анџела Агелер, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски.

Мицкоски нагласи дека модернизацијата на Армијата и изградбата на Коридорите 8 и 10 се врвни државни приоритети. Според него, тие инфраструктурни проекти ќе служат како клучна логистика за Јужното крило на НАТО, дел од стратегијата за безбедност и стабилност на земјата.
„Инвестирањето во Армијата е инвестиција во мирот и одбраната на татковината,“ рече премиерот, додавајќи дека силна и опремена армија е предуслов за општествен развој и иднина за граѓаните.

Амбасадорката Агелер потсети дека од 2019 година САД испорачале 67 возила од овој тип, а новите JLTV ќе бидат ’рбет на лесната пешадиска батаљонска група. Таа истакна дека опремувањето на Армијата е дел од заедничките безбедносни цели и доказ за долгорочната соработка меѓу двете земји.

Мисајловски информираше дека возилата се набавени преку договор „Влада со Влада“ и дека до крајот на годината бројката ќе достигне 96. Дополнително, се набавува и опрема за специјални сили, беспилотни летала, сајбер заштита, пешадиско вооружување и средства за лична безбедност.
(К.М.)