Буџетската транспарентност на општините во Република Северна Македонија во периодот 2024–2025 година бележи континуиран пораст во споредба со претходните години, покажува новиот извештај на Центарот за економски анализи – ЦЕА Скопје. Просечниот индекс на буџетска транспарентност е зголемен од 5,59 (2014–2015) на 11,88 индексни поени, но во однос на лани е забележан благ пад – од 11,93 на 11,88 индексни поени.
Најтранспарентни општини
Во категоријата на најтранспарентни општини за овој период се вбројуваат 28 единици на локална самоуправа, меѓу кои Аеродром, Велес, Гевгелија, Делчево, Зрновци, Кисела Вода, Кичево, Радовиш, Свети Николе и Центар Жупа, со максимален број индексни поени.
Пораст и падови
Подобрување на буџетската транспарентност е забележано кај 23 општини, со највисок пораст на индексот кај Старо Нагоричане, Ранковце и Петровец (+6), Конче и Куманово (+5). Источниот и Југозападниот регион повторно се најтранспарентни, додека Полошкиот регион бележи најниска отчетност.
Најголем пад на индексот е регистриран кај Липково (-11), Тетово (-6) и Берово (-6).
Граѓански буџети и учество на јавноста
ЦЕА забележува позитивен тренд во подготовката на граѓански буџети – оваа година се изготвени од 65 општини, за разлика од 55 лани. Исто така, 80% од општините организирале форуми со граѓаните и други алатки за вклучување во креирањето на локални политики, што претставува значително зголемување во однос на 63% од минатата година.
Сепак, само 40% од општините јавно презентирале отчет за сработеното во 2024 година, што е намалување во однос на 48% во претходниот мониторинг-период.
За прв пат, сите општини од Југоисточниот и Источниот плански регион (100%) имаат спроведено активности за вклучување на граѓаните во креирање на локални политики, што ЦЕА го оценува како значителен исчекор кон систематско учество на јавноста.