Во писмо потпишано од Академик Владо Матевски и уште 11 други професори – биолози, геолози, географи, хидролози, се изразува длабока загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски објекти во сливот на реката Дошница.
Оваа група на експерти укажува дека мини хидроцентралата почнува да се гради додека тече сèопфатен процес на валоризација на природните вредности на поширокото подрачје на Демиркаписката Клисура. Целта на овој процес е идентификација на неговите значајни природни и пејзажни карактеристики и подготовка на стручна основа за негово идно прогласување за заштитено подрачје.
„Овој процес опфаќа и детална анализа на долниот тек на реката Дошница – една од најчистите и највредните водотеци во Република Македонија, богата со ендемски и ретки биолошки видови и со исклучително значење за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот. Бидејќи сè уште не се утврдени степенот на заштита и просторните граници на потенцијалното заштитено подрачје, експертите сметаат дека секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, сметаат експертите.
Министерството за животна средина и просторно планирање во Програмата за заштита на природата за 2024 година (Сл.Весник на РСМ бр.16/2024) во своите приоритетни цели го постави прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија, во чии рамки се наоѓа целото сливно подрачје на долното течение на реката Дошница.
Според експертите, продолжување со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување на конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.
-Затоа, предлагаме итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности, сè додека не се заврши целосната валоризација на подрачјето, не се дефинираат границите и зони на заштита (строга заштита, активно управување и одржливо користење). Исто така додека не се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје, кој ќе гарантира долгорочна заштита и рамнотежа меѓу природата и развојните интереси, пишува во писмото до Владата.
Оваа група на научници апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од било какви зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор.
Предлогот е Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита согласно член 97 од Законот за заштита на природата.
Овој апел се упатува во време на активни граѓански блокади на Кожуф, каде граѓани и еко-активисти веќе 35-ти дека успеваат да го спречат почетокот на градбата на минихидроцентралата.
-Овој проект не носи никаква општествена корист – туку служи исклучиво за личен профит на инвеститорот, на штета на природата и на сите нас. На лице место затекнавме богат животински и растителен свет, вклучувајќи и пастрмка – симбол на здрава и жива река, укажуваат граѓаните.
Фотографија: ФБ Changemakers4all