Како што полека се приближува крајот на мандатот на градоначалникот Борче Јовчески, јавноста во Прилеп сè повеќе се прашува колку од големите ветувања дадени на почетокот од неговото владеење се реализирани. Од бесплатни оброци за ученици, преку капитални инфраструктурни зафати, до решенија за еколошки и урбанистички проблеми – листата на проекти што ги најави беше амбициозна, но времето за нивна реализација истекува.
Клучни ветени проекти на Јовчески за Општина Прилеп: беа бесплатен оброк за сите ученици до четврто одделение; изградба и реконструкција на детски градинки за околу 500 деца, поврзување на градот со примарната гасоводна мрежа и изградба на секундарна мрежа; поставување фотоволтаични панели на јавните објекти за производство на сопствена електрична енергија и доизградба на кружни текови (Табана, кај Тинекс, кај нова автобуска и кај Градска кафеана).
Тој вети и реконструкција на влезовите во градот (правец Крушево и Македонски Брод), изградба на монтажни катни гаражи и нов режим за тешки товарни возила, доуредување на индустриските зони „Металец“ и „Прилеп 2“, изградба на затворен пливачки базен, реконструкција на паркови и спортски терени, реконструкција на Старата градска чаршија и други проекти.
Како што мандатот на градоначалникот Борче Јовчески влегува во својата завршна фаза, останува отворено прашањето: што навистина е реализирано од ветувањата дадени пред четири години? Иако листата на проекти беше обемна и амбициозна, голем дел од нив или не се започнати, или се заглавени во подготвителна фаза. Граѓаните сè почесто се жалат дека промените се бавни, а дел од проектите останале само на хартија или во предизборни говори.
Градоначалникот Јовчески за Канал77 вели дека ја презел локалната самоуправа со финансиски минус од над 5 милиони евра што бил огромен проблем.
„И покрај сите предизвици, успешно реализиравме голем број проекти што беа дел од нашата програма. Меѓу поважните реализирани активности се реконструкцијата на последниот дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ на површина од 3.500 м² со инвестиција од 25 милиони денари, како и целосната доизградба на новата детска градинка во населбата Точила – проект што го затекнавме во фаза на карабина и без исплатен ниту еден денар, а го финансиравме во целост од Буџетот на Општината со вкупна вредност од над 130 милиони денари“, вели тој.
Јовчески потенцира дека за првпат била воведена и еднократна парична помош за секое новороденче во висина од 6.000 денари. Во делот на инфраструктурата, вложиле повеќе од 2 милиони евра во асфалтирање и реконструкција на над 70 улици со вкупна површина од преку 100.000 м².
„Чистевме диви депонии, реконструиравме детски паркови и игралишта, изградивме нови спортски содржини, како и целосно нова спортска сала во ООУ „Блаже Конески“. Реализиравме и нов кружен тек во центарот на градот, нов водовод во Канатларци, како и серија вложувања во сите основни и средни училишта, каде што инвестиравме околу 100 милиони денари со цел подобрување на условите за работа и учење“, потенцира тој.
Во фаза на изградба е и нова фабрика за селекција и рециклирање на отпад со вредност од 90 милиони денари.
„Благодарение на зголемената поддршка од централната власт, само во изминатата и во текот на оваа година Општина Прилеп обезбеди над 11 милиони евра директни капитални инвестиции. Со тие средства се реконструираше водоводот во центарот на градот, започна изградба на нова улица и нов кружен тек кај мостот на Табана, а до крајот на годинава се очекува да стартуваат нови проекти за реконструкција на училишта, нови улици, игралишта и други содржини за граѓаните“, вели Јовчески.
Застојот кај започнатите проекти пак бил поради финансиски, имотно-правни или административни пречки. Тој вели дека работат на нивна подготовка и бараат соодветни извори на финансирање, со цел да се исполнат и тие очекувања.
„Остануваме отворени за нови иницијативи и партнерства, и убедени сме дека со поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжиме со уште посилен интензитет да работиме за подобар живот во Прилеп за сите наши сограѓани“, дециден е тој.
Опозицијата критикува: Јовчески го завршува мандатот со нула реализирани проекти
Претседателката на Општинската организација на СДСМ во Прилеп Петра Лукароска жестоко го критикува градоначалникот Борче Јовчески и актуелната локална власт, обвинувајќи ги за целосен неуспех и нереализирани предизборни ветувања. Таа вели дека по речиси четири години владеење, резултатот е рамна нула.
„Градоначалникот на скандинавската Општина Прилеп, Борче Јовчески и неговата ВМРО-ДПМНЕ, го привршуваат четириесет и четвртиот месец откако со бесрамна лага ја презедоа локалната власт“, вели Лукароска.
Според неа, ниту едно клучно ветување не е исполнето.
„Намалување на сметките за вода беше првата лага – тие се зголемија. Нема бесплатен оброк за учениците до четврто одделение, нема нови градинки, нема бесплатни униформи. Од кружните текови, катната гаража и новиот градски превоз – ни трага, ни глас“, посочува таа.
Лукароска вели дека и инфраструктурните проекти останале само на хартија.
„Плоштадите, амфитеатарот во Варош, старата чаршија – сè е нереализирано. Фабриката за отпад уште не е започната, иако Владата уште пред две години обезбеди средства.“
Лукароска тврди дека се излажани жителите на населените места бидејќи нема нови водоводи, канализации, поила, ниту патишта до нивите.
Таа ги обвинува Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ и за потфрлање во културата, спортот и екологијата.
„Граѓаните плаќаат повисоки сметки, а јавните претпријатија се во долгови. Градот е со дупки, темница и кучиња скитници. Ако нешто може да ги утеши ВМРО-ДПМНЕ, тоа е дека нивниот нов кандидат нема ни потреба од програма – ќе ја препише истата од Јовчески, бидејќи таа не е ниту отпакувана“, заклучува Лукароска.
Прилеп има потенцијал, но му недостасува реализација и транспарентност
Благица Цветкоска од Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка во Прилеп истакнува дека локалните власти честопати ветуваат тешко остварливи проекти за време на изборни кампањи, а граѓаните се разочарани од бавното темпо на реализација.
„И од претходната и од оваа гарнитура беше ветуван затворен базен. На град со околу 80 илјади жители му е потребен затворен базен“, вели Цветкоска, додавајќи дека потребите на граѓаните не се доволно исполнети.
Според неа, иако биле ветени и електронски услуги, многу малку од нив се направени, граѓаните сè уште го немаат тоа задоволство од дома да си ја завршат работата.
Цветкоска посочува дека потребно е сериозно подобрување и во инфраструктурата, како и развој на велосипедски патеки. Таа додава и дека подигањето на свеста за животната средина е исто така важно.
„Општината има слух за потребите на граѓаните, но колку се во можност истите да ги реализираат – тоа е веќе друго прашање“, потенцира Цветкоска.
Цветкоска смета дека Прилеп има голем потенцијал за развој, но е потребна поголема транспарентност и достапност на информациите.
„Сметам дека е потребна поголема транспарентност во делот на објавување на навремени информации за јавните расправи. Многу често документите кои ги поставуваат на нивната веб страна се неразбирливи за граѓаните, особено кај темите за урбанизам. Со ова, едноставно, мал број на граѓани учествуваат на расправите“, заклучува Цветкоска.
Како што се ближи крајот на мандатот на градоначалникот Борче Јовчески, сè погласни се гласовите на граѓаните и опозицијата кои се прашуваат што точно е реализирано од ветувањата дадени пред речиси четири години. Списокот на проекти беше долг и амбициозен – од бесплатни оброци за ученици и нови градинки, до затворен пливачки базен, кружни текови, фотоволтаици и решенија за урбани и еколошки проблеми. Но, по речиси четири години, многу од тие планови останале само на хартија.
И додека Прилеп има потенцијал за посериозен развој, прашањето што останува отворено е дали локалната власт ќе успее да реализира барем дел од ветеното пред мандатот целосно да истече.
Фото: Општина Прилеп