Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме напред заедно, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мене и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер.
Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во врска со одлуката на Европскиот парламент да ги отфрли сите текстови поврзани со „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот за напредокот на Северна Македонија, подготвен од Томас Вајц, објави БГНЕС.
„Ова е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно – можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа! Посебна благодарност до Андреј Ковачев и нашето семејство – Европската народна партија!“, рече Борисов.
„Во последните недели одржав голем број разговори со европски лидери и претставници на водечки политички семејства во ЕУ. Јасно објаснив дека европските документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку треба да служат на вистината и добрососедството. Драго ми е што гласот на Бугарија беше слушнат.“
„Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме напред заедно, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мене и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, додаде Борисов, објави БГНЕС.
Како што веќе објавивме, ЕП усвои извештај за Македонија, во кој се избришани сите делови каде стои „македонски јазик“ и „македонски идентитет“. Известувачот за Македонија, Томас Вајц го поздрави усвојувањето на извештајот додавајќи на крај: „За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, пишува Вајц.
Во моментов македонскиот премиер Христијан Мицкоски одржува прес конференција, каде го коментира усвоениот извештај.