СДСМ денеска обвини за, како што велат, сериозен сомнеж за криминал од огромни размери поврзан со најавениот проект за изградба на пругата на Коридорот 10, вреден 2 милијарди евра, што го промовираше премиерот Христијан Мицкоски.
„Пред очите на јавноста се одвива уште еден ‘проект’ без план, без документација, без јасни рокови – но со веќе позната цена од 2 милијарди евра“, соопшти СДСМ, прашувајќи како е можно да се знае цената без физибилити студија, анализа на трасата или основен проект.
Од партијата тврдат дека тоа е класичен модел на злоупотреба: најави за мегапроекти без реална основа, однапред договорени суми и отворање простор за „перење пари“ и „богатење на партискиот врв“.
„Се пресметува провизијата, не трошокот“, наведуваат од опозицијата, алудирајќи дека сумата не е резултат на технички или економски пресметки, туку на политички договори и скриени интереси.
Според СДСМ, изјавите на Мицкоски и министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска се контрадикторни – додека премиерот најавува почеток на работите до крајот на годинава, министерката вели дека градежните активности ќе стартуваат дури во 2027 година.
„Дали ова е координирано лажење на јавноста или доказ за хаос и недостиг на контрола во Владата?“, прашуваат од СДСМ.
Опозицијата најави дека внимателно ќе го следи процесот и ќе бара увид во сите поврзани документи, вклучително и евентуалната физибилити студија, критериумите за избор на изведувач и деталите од финансирањето.
„СДСМ нема да молчи. Ќе бараме целосна транспарентност и ќе ја информираме јавноста за секој сомнеж, тендер и договор што се прави зад грбот на граѓаните“, се наведува во реакцијата.
На крајот, од партијата порачаа дека, како што велат, нема да дозволат нова голема афера да помине неказнето и најавија политичка и правна одговорност за сите инволвирани.
Фото: СДСМ