Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека е поднесен обвинителен акт против 34 физички и 3 правни лица за трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Клуб Пулс“ во Кочани, при настап на музичката група ДНК. Пожарот кој избувна за време на концертот однесе 62 животи, додека 157 лица се здобија со тешки телесни повреди, а уште 54 со полесни.
Обвинетите, според Обвинителството, со своето дејствување или недејствување, придонеле за настанувањето на трагедијата, при што прекршиле бројни закони, технички прописи и правила за безбедност, заштита од пожар и јавна безбедност.
Меѓу обвинетите се сопствениците и управителите на клубот, градежни инспектори, поранешни и актуелни градоначалници на Кочани, директори и службеници на државни институции, припадници на обезбедувањето, како и архитекти кои незаконски изготвувале документи.
Објектот во кој работел „Клуб Пулс“ бил целосно незаконски реконструиран, без проект, без дозвола за пренамена, без техничка документација, без елаборат за заштита од пожари, без план за евакуација. Вградувани се запаливи и несоодветни материјали, без стручен надзор.
При избувнувањето на огнот, предизвикан од употребата на пиротехника во близина на запалив материјал на таванот, пожарот се проширил за помалку од 60 секунди. Клубот имал само еден излез, без светлосна сигнализација, без план за евакуација и со блокирани странични врати. Гостите биле оставени сами на себе. Многумина настрадале од задушување, додека други биле повредени или нагмечени при обидот да излезат.
Според обвинението, инспекциските служби и надлежните институции целосно затаиле. И покрај очигледните опасности, никој не презел мерки – ниту бил направен надзор, ниту биле санкционирани прекршителите. Напротив, некои од обвинетите дури издавале лиценци за работа на објектот и покрај тоа што истиот не ги исполнувал основните безбедносни стандарди.
Трагичната вечер кулминирала со влез на пиротехнички средства во клубот, чија употреба од страна на членови на музичката група го предизвикала пожарот. Обезбедувањето не поседувало лиценци, не изготвило план за евакуација, ниту спровело безбедносни проверки. Исто така, во клубот биле присутни и малолетни лица, што претставува сериозен прекршок.
Групата ДНК, според обвинението, на настапот користела пиротехнички ефекти без соодветно известување и одобрение. Иако клубот имал дозвола за 180 гости, во моментот на трагедијата се наоѓале над 300 лица.
Со овој обемен обвинителен акт, Обвинителството ја презентира целата слика на системски пропусти, институционален немар и, во некои случаи, свесна соучесност. Делото е квалификувано како општа опасност со смртни последици, сторено со свесно кршење на законите и пропишаните безбедносни мерки.