Власта и опозицијата денеска разменија низа обвинувања за трагедиите во „Пулс“ и во тетовската модуларна болница.
СДСМ ја обвини власта дека ја штити инспекторката за економски криминал во ОВР Кочани, Кристина Јованова:
- Зошто Христијан Мицкоски го плаши вистината за трагедијата во Кочани? Дали најголемиот страв на власта е дека ако се соочат со правдата виновниците и актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе стигне до највисоките струткури во власта на чело со премиерот? Зошто после речиси три месеци нема ниту еден актуелен функционер обвинет за најголемата трагедија во независна Македонија во која 62 деца го загубија својот живот, а повеќе од 200 беа повредени?! Дали Христијан Мицкоски ја штити главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани – Кристина Јованова која морала да знае дека во дискотеката Пулс се случува економски криминал? Дали се работи за уште еден партиски кадар кој носел и дома и во партија? Како е можно двајца полицајци кои минатата година ја казниле дискотеката поради нарушување на јавен ред и мир пишувајќи казна на неактивната фирма ДПТУ Класик ДМ ДОО на газда Деко да бидат дел од истрагата за Кочани, а главната и одговорна која била должна да провери која фирма сега раководи со деловниот објект да биде поштедена? Зошто Јованова не проверила дали фирмата која била казнета има никаква економска активност? И ако проверила зошто тогаш соодветно не ја казнила компанијата „Мммм кафе дооел Кочани” која стопанисувала со дискотеката Пулс кобната вечер? Дали Јованова земала дел од колачот на газда Деко? Како Јованова дозволила и натаму да работи „Мммм кафе дооел Кочани” имајќи го во предвид фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од страна на УЈП за неиздавање на фискални сметки? Како е можно Јованова и раководството на МВР да дозволат со дискотеката Пулс која имала илјадници посетители секоја недела да стопанисува фирма со блокирана сметка која не може да обавува никаква економска активност? Ако фирмата има блокирана сметка тоа значи дека ги плаќала кон добавувачите, вработените и сите останати обврски нелегално со црни пари во кеш! Кочани не е милионски град па Јованова или било кој во МВР да не може да открие дека единствената дискотека во градот работи на црно, пере пари и го оштетува буџетот на државата! Доколку МВР и сите надлежни институции навреме го детектирале криминалот во дискотеката Пулс немаше да загубиме ниту еден млад живот! Го повикуваме обвинителството да спроведе независна истрага и да се ослбоди од стегите од власта. Доколку имаат притисоци, закани или уцени од премиерот, Христијан Мицкоски или било кој државен функционер нека излезат и јавно нека споделат со јавноста! Народот ќе биде на ваша страна и ќе ве заштити! Се додека нема правда за жртвите на пожарот во Пулс, СДСМ нема да запре со „Вистината за Кочани”!, вели Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.
Владеачката ВМРО ДПМНЕ пак, го обвини Венко Филипче, дека како министер за здравство пуштал во употреба модуларни болници од лесно запаллив материјал и дека од тоа профитирал 20%:
- Аферата „Провизиите кои чинат животи“, го разобличи и го покажа вистинскиот Венко Филипче. Јавноста можеше да види како на Филипче како министер за здравство, профитот и провизиите му биле на прво место, наместо безбедноста и здравјето на пациентите и на граѓаните, воопшто. Таквата негова лакомост за провизии доведе до пожар во модуларната во Тетово која целосно изгоре за само две минути, во која живи изгореа 14 македонски граѓани кои во болницата дојдоа по лек. Во корона периодот, само заради профит и провизии, Филипче дозволил изградба на модуларни болници низ државата, во која не смеело да се извршува здравствена дејност. За изградбата на овие болници со заем од Светска Банка, не се почитувале ни Законот за градење, ни Законот за здравствена дејност, а не се почитувале ни минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии. Болниците биле набавени како стоки, која резултираа од леснозапалив материјал, а ваквата спорна тендерската спецификација ја подготвило лице во Министерството за здравство, поставено лично од Филипче. Бидејќи болниците се набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, Катастар одвивал изврши упис, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат ниту одобрение за употреба по правилник за простор, опрема и кадар. Токму поради ова, директорите на болниците низ државата одбивале да ги примат и да ги стават во употреба. Таков е и примерот со Артан Етеми, поранешниот економски директор на Тетовската болница, кој е осуден на 1,5 година затвор за трагичниот настан, одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба бидејќи и таа, како и останатите, немале приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци и да ангажираат фирми. Во моментот на трагичниот настан во модуларната во Тетово, каде загинаа 14 луѓе, нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство, туку тие се пуштени во употреба со лична одлука на Венко Филипче. И ова не е се. За да се спаси од одговорност, но и дополнително да профитира, после трагедија во модуларната во Тетово, додека Македонија се уште беше во шок и во тага, Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, за да се променат материјалите во другите болници низ државата. Член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор и истиот е ништовен согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО. Филипче, со противзаконски и ништовен Анекс му овозможува на изведувачот на модуларните болници зголемување на цената за 20%, наместо да му наложи на сопствен трошок да ги направи модуларните огноотпорни. Дали причината за пожарот на модуларната во Тетово се 20% и каде завршиле тие? Јавноста мора да ја дознае вистината за Модуларната болница, се вели во соопштението од владеачката ВМРО ДПМНЕ.