Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) ја објави новата база на податоци „Верски имоти под лупа”, која за првпат обезбедува увид во имотот на двете најголеми верски заедници во земјата – Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ), онака како што овој имот е впишан во македонскиот катастар.
Во базата се внесени 14.757 парчиња имот со кои располага МПЦ-ОА, поединечните цркви или нејзините епархии, како и дополнителни 5.363 кои во катастарот се внесени како имоти во кои фигурира ИВЗ, нејзините муфтиства или локалните џамии.
Клучни наоди од базата:
– МПЦ-ОА располага со 101 квадратен километар имот, а ИВЗ со 13 квадратни километри.
– МПЦ-ОА поседува околу една третина од планината Галичица и големи делови од македонската страна на Јабланица, додека најголемото земјиште на ИВЗ е на јужната падина на Водно.
– Над 80% од имотите на МПЦ-ОА се шуми, ливади и пасишта, односно околу 8.100 хектари, а ИВЗ располага со 3.200 хектари шуми.
– МПЦ-ОА има и 1.300 хектари земјоделско земјиште, додека ИВЗ 1.700 хектари.
– Станбениот простор во сопственост на МПЦ-ОА изнесува околу 140.000 м², а кај ИВЗ над 37.000 м², вклучувајќи и станбени простори во нови објекти во Скопје, Битола, Тетово и други градови.
– Црквата има деловни простори во чаршиите во Скопје, Битола, Охрид и Прилеп, додека ИВЗ стопанисува со пазарот во Дебар, трговски комплекс во Гостивар и објекти во Струга, Тетово и Битола.
– МПЦ-ОА е сопственик на хотелите „Изгрев” и „Бисер” на Охридско Езеро, додека ИВЗ има апартман во хотелот „Парк Лејксајд” во Охрид.
Базата „Верски имоти под лупа” е достапна јавно и има за цел да поттикне транспарентност и информираност кај јавноста за обемот и структурата на имотот на верските институции во земјава.
Линк до базата: https://verskiimoti.prizma.mk/mk.