Денес во Штип се одржа прекугранична обука со претставници од двете општини – Штип и Гоце Делчев, претставници од јавниот сектор, невладините организации и јавни претпријатија. Обуката е дел од поширок проект за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој има за цел креирање на десетгодишна Стратегија за зелена инфраструктура.
Директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР) – Штип, Трајче Здравков, изјави дека обуката претставува значаен чекор кон градење заедничка визија за еколошка трансформација на градските средини.
- Целта ни е да изградиме цврста методологија за зелен развој која ќе ги поврзе Штип и Гоце Делчев. Стратегијата ќе биде патоказ за заедничко дејствување во следните десет години, изјави Здравков.
Целокупниот буџет на проектот изнесува 860.000 евра, од кои значителен дел е наменет за изградба на нови паркови и зелени површини во двете општини. Дополнително, предвидени се обуки, работилници и други активности со кои ќе се поттикне јавната свест за значењето на зелената инфраструктура.

- Подоцна ќе прерасне во еден регионален десет годишен документ како треба да се развиваат двете општини во поглед на зелената инфраструктура. Во рамките на Општина Штип веќе се започнати и изградбите на парковите, кои се дел од проектот, едниот е кај пешачката патека во населбата Осми ноември, додека другиот парк е кај медицинското училиште во градот, додава Здравков.
Новите паркови во Штип веќе се во фаза на изградба и се очекува да придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот, урбаното живеење и рекреативниот простор за граѓаните.
Проектот е финансиран преку програмата за прекугранична соработка, со поддршка од Европската унија и националните институции.