Фудбалерот на ФК „Карбинци“, Миле Димитров пред неколку дена пријавил во полиција дека пред дуелот на неговиот тим против ФК „Слога“, кој се играл во Виница, бил физички нападнат од Дејан Михајлов, претседател на ФК „Слога“, додека комесарот за безбедност на ФК.„Слога“ ја држел затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК „Карбинци“.
Насилството во спортот никако да престане, а овој инцидент е уште еден во низата пресметки на и вон фудбалските терени, кој тогаш го потврди и СВР Штип.
-На 04.05.2025 во ОВР Виница, М.Д.(35) од село Стар Караорман, штипско, фудбалер на ФК „Карбинци“, пријави дека околу 15 часот во службени простории на ФК „Слога“ од Виница на Градскиот стадион во Виница, пред започнување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК „Слога“ Виница и ФК „Карбинци“, бил физички нападант од Д.М.(42) од Виница, претседател на ФК „Слога“, додека комесарот за безбедност на ФК.„Слога“, Н.К.(40) од Виница ја држал затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК „Карбинци“. Во полициска станица е извршен службен разговор со Д.М. и Н.К.. Известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, објавија тогаш од СВР Штип.
И додека МВР официјално информира дека имало тепачка, а тоа го тврди и Миле Димитров, сепак, демантира Дејан Михајлов, претседателот на ФК „Слога“. Препукувањата се префрлија на Фејсбук од двете страни, во кое не се бираа средства, па се објавуваа пораки со недолични содржини, кои воопшто не се во спортскиот дух.
ММС во интерес на вистината, но и за мерките кои ќе се превземат во врска со (не)спортските однесувања стапи во контакт со Димитров и со Михајлов, но и со членотна Управниот одбор во Трета лига-Исток, каде играат двете екипи.
Според Димитров, кој вели „јас сум тепаниот“, подгревњето на насилната атмосфера траела уште од есента и дека ова не е прв конфликт на спортскиот терен.

„Случката трае уште од есента. ФК „Слога“ се познати како квалитетен тим, со реноме, финансиски моќни кои ги победуваа противниците како од шала. Уште пред тој натпревар тие провоцираа, јас им велев почекајте да заврши дуелот, па ќе видиме. Тогаш, успеавме да ги победиме. На истиот натпревар, настана конфликт помеѓу нивниот тренер и нашата публика, но тренерот го заштитив јас. Потоа, тие упатуваа различни закани дека ќе настрадаме кога ќе дојде ред да играме во Виница. Пред натпреварот кој го одиграме во Виница пред неколку дена, претседателот на „Слога“ преку коментари на Фејсбук мене ми упатуваше закани. Пред дуелот сакав да се сретнеме за да ги решиме проблемите, но тој одби. Кога дојдовме на стадионот, тој ме однесе во посебна соба и таму ме нападна“, изјави Димитров.
Но, со ова не се сложува претседателот на ФК „Слога“, Дејан Михајлов, бидејќи, според него тој што правел проблеми е токму Димитров.
„Димитров правеше инциденти уште во Карбинци кога во претходната меѓусебна пресметка ние загубивме таму. Уште пред натпреварот ние знаевме дека тој ќе провоцира. На страната на фудбалскиот клуб на социјалните мрежи тој пишуваше одредени провокации. Заканите кои ги има упатено кон мене јас ги имам зачувано и се е документирано. Го повикав пред мечот да разгораваме, но далеку од тоа дека сум го удрил, нема никаква вистина во тоа. Поради таа причина, и јас ќе превземам одредени мерки за да се заштитам. Во однос на тепачката, ако тој бил тепан, како тоа успеа да го одигра натпреварот без проблем?“, рече Мијахлов.

ММС побара детална информција околу овој настан од МВР, но тие, засега, само го потврдија кусото соопштение кое го испрати СВР Штип пред неколку дена.
Со оглед на тоа што насилството во спортот е честа појава на теренот и вон него, се обративме и до Управниот одбор на Трета лига-Исток, бидејќи и двата фудбалски тима играат за оваа лига.
Според членот на УО Трета лига- Исток, Димитар Џонов засега немада се превземт никави мерки, бидејќи го чекаат извештајот од МВР.
-Од делегатот на натпреварот добив информација дека натпреварот бил фер и коректен од почеток до крајот, штовомоментов е важно за ФФМ. Во извештајот на делеагтот пишува дек немало никаков инцидент додека траел натпреварот, се до заминување на гостинскиот тим. Немаме жалби за натпреварот ниту од двата фудбалски тима. Е сега, доколку имало инцидент пред и по започнување на натпреварот за тоа МВР си води постапка. Доколку од МВР добиеме информација дека во овој инцидент вина има и организаторот на натпреварот, тогаш ФФМ ќе превземе одредени дисциплински мерки. Затоа во овој момент не може да се регира. Јас не бев во Виница на тој натпревар, но според она што ми го раскажаа наводно тој инцидент се случил уште пред да дојдат официјалните лица. Односно не е за време на натпреварот. Значи чекаме МВР да ја заврши постапката, за да ние можеме да носиме одлуки, односно за да ФФМ превземе одредени мерки, вели Џонов.
Кристијан Трајчов
Фото: Фејсбук