Утре во Кочани со симболичен почеток од 12:05, како симбол на задоцнетата реакција на институциите, семејствата и блиските на 61-та жртва на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ ќе излезат на втор по ред протест насловен како „Задоцнета реакција“.
Маршот ќе започне од Градскиот парк, по што семејствата со сликите на загинатите ќе се упатат кон Градскиот трговски центар, каде е лоцирано демолираното кафуле „Класик“ во сопственост на истиот газда како и дискотеката „Пулс“, по што ќе се упатат пред општината, а од таму кон полициската станица и Основниот суд и Основното јавно обвинителство.
Пред секоја од институциите протестантите застануваат на неколку минути и молчат, по што продолжуваат кон следната локација од маршот.
- На маршот може да се приклучат сите граѓани на Македонија кои сакаат да изразат поддршка на родителите на покојните и почит спрема покојните. Маршот е единствено организиран од семејствата на починатите во пожарот во Кочани, не е за поддршка на обезбедувањето и ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат маршот и неговата реализација, истакнаа во писменото соопштение на организаторите.
(M.K.)