Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа, велат од Кабинет на министерот за јавна администрација Горан Минчев .
-Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување. Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци, се вели во соопштението, во кое понатаму се додава:
-Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност. Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација. Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања. Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите, вели минисстерот.