Основното јавно обвинителство Кавадарци повело постапка против две лица за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Јавно обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека двајцата соизвршители осомничени за ова кривично дело, на 15 февруари во раните утрински часови, во дискотека во Кавадарци нападнале службено лице – полициски началник, кој во моментот бил на должност и постапувал за откривање на сторители на недозволена трговија со дрога.
– Кога во дискотеката го забележале началникот на кого и претходно му упатувале заканувачки пораки преку други лица, осомничените на возраст од 31 и 33 години започнале да го туркаат и да го удираат со боксови по главата и телото, при што му ја скинале облеката и му нанеле повеќе повреди – набиеници и расекотини, се појаснува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените. Предлогот бил прифатен и судот им определил притвор во траење од осум дена.