Претседателот на Собранието Африм Гаши ги осуди постапките поврзани со вчерашните настани кога, како што рече, беа палени и газени државни знамиња. Тој напомена дека тоа е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница. Ова го кажа во одговорот на новинарско прашање по посетата на општина Гостивар. Гаши не знаеше дали и колку лица се приведени по пријавите дека на повеќе локации се кине, гази и пали државното знаме.
Во изјавата, тој оцени дека патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите, а според него треба да се истражи кој стои зад ваквите настани, но како што рече, не верува дека зад ова има политичка заднина.
– Ако е несовесно однесување на одредени граѓани, тие треба да понесат одговорност и секој да одговора за постапките. Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која било да е таа, рече претседателот на Собранието на РСМ.
Гаши во коментарот испрати и порака до граѓаните да ги почитуваат симболите на државата и законите, меѓу кои и употребата на албанското знаме.
– Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување, рече Гаши.
Според него, потребно е унапредување на државата со зачленување во Европската унија, подигање на степенот на меѓусебна толеранција и унапредување на меѓуетничките односи. Тој нагласи дека треба да се работи во насока на зближување и градење на мостови и унапредување на државата.
На прашањето дали наративот на политичарите во изминатиов период има влијание за појавата на вакви настани, тој посочи дека тоа треба да го кажат органите чија надлежност е да ги расветлат последните случувања и откријат мотивите.
Во меѓувреме, во соопштение од Кабинетот на Гаши, наведоа дека тој најостро го осудува секој чин на дивеење, без разлика на причината или основата што се користи за негово оправдување.
– Насилството и дивеењето никогаш не може да бидат решение или одговор. Уште помалку може да се користат како алатка за провокација со намера за создавање тензии и дестабилизација. Претседателот Гаши повикува на воздржаност, почит и конструктивна комуникација како единствениот пат за надминување на сите предизвици. Само преку меѓусебно разбирање и соработка можеме да обезбедиме мир и стабилност за сите граѓани во нашата заедничка држава. Претседателот Гаши останува посветен на промовирање на демократски вредности и почитување на државните симболи – се наведува во соопштението