Денес е „29 Ноември“, денот на една држава, која не постои над 30 години, но има луѓе кои никогаш нема да престанат да ја сакаат, па и по три децении се уште се чувствуваат Југословени.
Југословени има низ сите републики од поранешна Југославија, а Македонија не заостанува во тоа. На овој голем ден за некогашна Југославија разговаравме со кочанчанецот Горги Николов, кого сите го познаваат по прекарот- Тито.
Кој е кочанскиот Тито, зошто го носи тој прекар и зошто и по толку време живее во минатото за ММС ни откри тој.
-Имаме Здружение „Јосип Броз Тито“ кое е формирано 2004 година, редовно над 20 години на четврти мај одам на гробот на Тито, одам на 29-ти ноември во Јајце, на 25 мај штафета правиме во Кочани. Тоа ми е во крвта, Југославија ја чувствувам како моја држава и никогаш нема да се откажам од тоа, рече тој за ММС.
Веќе 33 години живееме во самостојна Македонија, но носталгијата не поминува. Николов има објаснување и за тоа.
-Да не се залажуваме, но тоа време беше многу подобро за разлика од сега. Пред се слободата, па бесплатно здравство, бесплатно школство. Ова сегашно време е лудница. Јас цел работен век бев полицаец, сега сум во пензија, и не знаев што е дрога. А сега на секој чекор дрога. Што може сега да очекуваме од младите? Порано се знаеше, ќе наполни 18 години и заминува на отслужување на воениот рок. Се формира како личност. А сега на младите не можеш да им кажеш ништо. Е сега велат имало Голи оток. И тоа кој како го разбира. Во Голи оток биле 2.000 луѓе ама живееле како што треба 22 милиони луѓе. А сега? Како е сега, рече тој и додаде дека му е жал што на овој голем ден за Југославија, кога сите славевме не можел да замине за Јајце.
-Одев скоро секоја година во приватна режија. Оваа година не можев од оправдани причини. А контактираме од сите Здруженија во републиките. Словенците први се дигнаа за распаѓање на Југославија, а сега се најголеми побориници за Југославија. Но, не е до луѓето. Се најдоа некои политичари со вжештени глави и растурија златна држава. Има Здруженија и во Босна, Хрватска, Црна Гора. Секој година одам на конгрес, се одржува во различни републики. Единствено јас нас во Македонија не се одржал конгрес. Без некоја посебна причина, тоа е пак на нивно на боречки организации на ниво на Југославија и оваа година бев во Подгорица, па бев во Белград, наредната треба да биде во Љубљана, кажа тој.
Во Македонија, според него, има многу што се уште ја почитуваат таа држава и тоа не е мал број граѓани, бидејќи сите се свесни како сме живееле тогаш, а како сега.
-Во Здружението „Јосип Броз Тито“ има некаде над 500 членови, заверени сме во судот и ги негуваме сите празници. Кога правиме штафета на 25 мај доаѓаат многу за штафетата. Една година дојдоа новинари од јапонската национална телевизија, да видат како е можно Југославија да ја нема ама да има Југословени. Да не се залажуваме ама има многу Југослвени и потсвесно сите ја сакаат таа држава. Е сега има некои кои ја негираат за инат. Па каде е сјајно? И во Америка не е како треба. Ама пред се имавме убав живот. Пред се почит, другарство и чесност, а сега преваранти на секој чекор, вели тој.
Ѓорги во Кочани веќе сите го познаваат како Тито, а така и му се обраќаат.
-Ме знаат како не ме знаат. Па јас на фасадата на мојата куќа го имам грбот на Југославија. И дома имам музеј за Тито. Имам над 300 слики. Во Кочани ме знаат и како Ѓорги и како Тито. Прекарот го имам уште кога се растури Југославија. Нели тогаш почнаа сите да плукаат против Југославија, ги симнуваа сликите по фирмите, бистите. Секоја година печатиме календари. Тоа е. Како што велат „секој си е будала на свој начин“. Искрено мене по распаѓањето на Југославија ми велеа: „Абе ти си будала, во кое време живееш?“. Тогаш велеа ќе бидеме Швајцарија на Балкан а сега велат готово е се распаднавме! Ама сега видовме што се случува за 30 години, како што велат „стани Курто да седне Мурто’“. Јас немам симпатии кон ниедна политичка партија. Јас сум Југословен во срце и душа, тоа ми причинува задоволство, тоа ме врзува. Јас не сум човек кој денес ќе вее знаме на една партија, утре ќе вее знаме на друга партија. Јас сум Југословен и таков ќе си умрам, ни рече кочанскиот Тито и замина на дефиле низ Кочани.
(В.М.)